Ракомет
8. May 2017 - 16:37

ЖРК Вардар пречекани од најверните навивачи

Европскиот вицепрвак во ракомет ЖРК Вардар претпладнево се врати од Будимпешта од настапот на завршниот турнир, каде во финалето беше поразен по продолжение од унгарскиот тим Ѓер со 31:30. Најверните навивачи ги пречекаа ракометарките пред нивната сала.
Со голема горчина и со солзи во очите по враќањето капитенот на Вардар, Јованка Радичевиќ зборуваше за загубеното финале.
-         Еве и тука на враќањето нашите верни навивачи дојдоа да не поздрават, како што не бодреа и во Будимпешта. Ние се боревме на двата дуела, а беше тешко. Се боревме и против судиите. Ако малку реално погледнеме имавме шанса да го освоиме пехарот, но имавме и наши грешки. Сепак ние сме млад тим и треба да бидеме горди на тоа што го постигнавме. Оваа сезона имаме чекор напред, а треба да бидеме горди особено што четири години сме дел од завршниот турнир и четири години сме во врвот на европскиот ракомет.
 
Ракометарките на ЖРК Вардар во Будимпешта го играа првото финале и се втората македонска женска ракометна екипа која играла во финалето на Лигата на шампиони. Пред нив тоа го направи Кометал Ѓорче Петров, кој беше и европски шампион во 2002 година.