Жителите на Кривогаштани на протест, не даваат реконструкција на 2 моста додека не се најде алтернативен пат
Жителите на Кривогаштани и околните населени места денеска втор ден по ред протестираат поради тоа што единствениот регионален пат кој ги поврзува општините Крушево, Кривогаштани и Прилеп се сака да затвори на подолг временски период поради реконструкција на 2 моста кај селото Врбјани.
Жителите се препраќаат да користат тесни селски патишта кои не ги задоволуваат критериумите за безбеден сообраќај. Инаку истиот овој пат во должина од околу 900 метри, околу мостовите, се реконстуира повеќе од 1 година и сообраќајот се одвиваше во невиден хаос, дури имаше и една жртва.
„Е сега тие нудат некоја солуција да се движиме по нбекои други патишта, но таа солуција воопшто не одговара за таа фреквенција на возила, ќе настани сообраќаен хаос. Не дај Боже да треба амбулантна кола да треба да дојди не се знае дали човекот ќе преживее дури да стигне до Прилеп. Овој пат не смее да се затвори. До Прилеп одевме за 15 минути, а сега треба да вртиме 2 часа. Луѓето имаат потреба да одат на болница, на работа, на училиште, во градинка. Дури се нафаќаме и вака да го остават само да не ги затвораат мостовите. Нема луѓето каде да се движа, нема каде да одат, да се најде решение да не се затвори овој пат. Токму за тоа сме сме тука“, вели Светлана Гроздановска, жител на с. Кривогаштани.
„Е сега велат јас не сум надлежен, тој не е надлежен, другиот не е надлежен, проблемот е што во нашава држава никој не сака да прифати одговорност. Одговорност ако се преземе се ќе биде во ред. Или тендерот кога се објајвувал, никој не споменал дека луѓево треба некаде да поминуваат?“, додаде Елизабета Олиманова, жител на с. Славеј.
Жителите ги поддржаа и од Општина Кривогаштани од каде истакнаа дека се обратиле и до ЈПДП од каде побарале алтернативно решение.
„Вртењето преку населените места Боротивно, Обршани, Кадино село тој регионален пат е 3.65 метри. Тој е само за трактори и автомобили, а не да се разминуваат 2 камиони, 2 автобуси или други поголеми возила. Покрај финансиски трошок за жителите имаме и небезбедност“, изјави Николче Мискоски, градоначалник на О. Кривогаштани.
Од ЈПДП истакнаа дека градежните работи за санација на оваа делница која е со должина од 920 метри се при крај и ќе бидат завршени најдоцна до 25 мај. Ги замолуваат граѓаните за трпение заради квалитетно завршување на градежните работи.
-
Дарко Штаргоски
Сите содржини од овој новинар