Македонија
7. July 2026 - 16:31

Жестока дебата во Собранието за пензиите

Расправата за ребалансот на буџетот се претвори во жестока дебата за пензиите. Власта и опозицијата ги вкрстија аргументите за стабилноста на Фондот, моделот на покачување на пензиите, но и околу најавите за потенцијално зголемување на старосната граница за пензионирање.

СДСМ предупредува дека Фондот за пензиско сѐ повеќе зависи од буџетот, односно на секои 100 денари придонеси, ПИОМ добива уште 73 денари од државната каса.

„А што е одговор одговорот на Владата? Во јавноста веќе се тестираат идеи дека луѓето можеби ќе можат да работат и до 73 години. Па кои сте вие тоа да го кажете? Вие сте спремни да ја зголемите старосната граница на 73 дена години, без да ги прашате луѓето дали тоа е доволно, без да го прашате земјоделецот или тој што работи во градежништво дали на 63 години е спремен да работи сеуште, а не на 73“, кажа Битиќи.

Од ВМРО-ДПМНЕ возвратија дека никој не предложил закон со кој ќе се зголеми старосната граница за пензионирање и дека станува збор за предлог - оние кои сакаат доброволно да останат на работа, тоа да можат и да го сторат.

„Велите дека за да сме го спасиле пензискиот фонд, ќе сме ги терале граѓаните да работат до седумдесет и три години. Па мислам немојте ве слушаат, ама немојте. Тоа се, доколку некој сака. И тоа предлог. Доколку некој сака. Дали сме гласале некаков таков закон? Ма немојте, ве молам“, рече Ласовска.

Дебатата се заостри и околу математичките пресметки. Битиќи рече дека во периодот од 2022 до 2024 година пензиите реално пораснале за 30 проценти, додека линеарниот модел всушност ги оштетил пензионерите.

„Пензионерите со најмалите пензии изгубија по 500 денари месечно или 6.000 денари годишно. Тие со просечните пензии, заради вашето зголемување на линеарно, изгубија по 1.300 денари месечно или 15.600 денари годишно, или да ви ги трансформирам она во пари – 250 евра помалку. А за тие со највисоки пензии, изгубија 2.200 денари месечно или 26.400 денари годишно, или преведени во пари што вие ги разбирате – 430 евра“, истакна Битиќи.

Власта ги отфрли овие бројки.

„Господине Битиќи, весели математики можеме да си правиме до утре сабајле. Фактот е следен: во ваше време, кога бевте вие на власт, 39 денари добиваа покачување пензионерите. Точка. Сега пензионерите добиваат 7.000 денари повисоки пензии. Од 39 до 7.000 денари, разликата е многу очигледна“, реплицираше Ласовска.

Општиот претрес на ребалансот на буџетот денеска заврши и сега на ред е амандманската расправа. Поднесени се над 220 амандмани, најмногу од СДСМ и ДУИ.