Македонија
6. December 2025 - 16:31

Жени од Источна Македонија започнаа обуки за вклучување во доброволните противпожарни друштва

И во Македонија, по примерот на поразвиените земји  пожарникарството може да биде и женска професија, но за тоа да стане реалност потребни се и општествени и структурни промени. Дека интерес и желба постојат, покажуваат десетина жени од неколку градови во Источна Македонија кои веќе ги започнаа обуките за вклучување во доброволните противпожарни друштва.

Како дел од програмата „И ти можеш да бидеш хероина“, тие преку теоретски и практични работилници учат како да реагираат при пожари и како правилно да ја користат основната опрема. Меѓу нив е и Танкица Стојанова од Струмица, која смета дека ваквите обуки се важен чекор кон надминување на предрасудите дека пожарникарството е исклучиво машка професија.

Поддршка за идните жени пожарникари доаѓа и од странство.

Пожарникарката Ема Синглер од Манчестер им ги пренесе своите искуства и порача дека физичката подготвеноста и храброста не зависат од полот, туку од волјата да се помогне. 

,, „Во Манчестер има многу жени пожарникари, навистина фантастични. Тука сме за да ги увидиме предизвиците со кои се соочуваат жените во Македонија и зошто потешко се вклучуваат како волонтери, како и кои чекори може да се преземат. Работиме на отстранување на бариерите и подобрување на условите за жените. Во Англија имаме силна поддршка и се надеваме дека ќе го видиме тоа и овде.,, вели Ема Синглер пожарникарка од Манчестер Англија

Обуките ги реализира Организацијата на жени од Свети Николе, во партнерство со британската Операција „Флоријан“ и националната мрежа на доброволни противпожарни друштва. Од Доброволното противпожарно друштво  Струмица велат дека жените се подеднакво способни да се справат со теренските предизвици и дека секој дополнително обучен волонтер ја прави заедницата побезбедна.

Иако интерес има, во професионалните противпожарни служби во земјава засега е вработена само една жена пожарникар.