Македонија
24. July 2016 - 13:20

Заврши 9. меѓународна ликовна колонија „Дрен“

Со заедничка изложба на уметниците синоќа во ликовната галерија во Центарот за култура „Марко Цепенков“ и официјално заврши 9. меѓународна ликовна колонија „Дрен“ во Прилеп.

На изложбата директорот на Центарот за култура Тони Чатлески нагласи дека и овој пат колонијата донесе 30-тина дела на уметниците -учесници од Русија, Бугарија, Србија и од Македонија, кои се трајно културно наследство.

- И по 9-ти пат се потврди дека опкружувањето, просторот и луѓето од нашето поднебје се голема инспирација. Имаме 30-тина дела, слики и инсталации и тие се дел од македонското културно наследство, но и на Центарот за култура „Марко Цепенков“ од Прилеп, рече Чатлески.

Петнаесетте уметници твореа на колонијата од 17 до 24 јули и годинава првпат колонијата беше сместена во просторот и поднебјето во Прилеп, а не како досега во манастирот „Свети Илија“ во Дрен.

- На овој чекор се решивме првпат зашто сакаме да го прошириме уметничкиот израз освен со слики и со инсталации и скулптури. Тоа го дава просторот во и околу Центарот за култура „Марко Цепенков“, градот, околината, луѓето и природата, изјави Марјан Стојаноски, раководител на ликовната галерија при Домот на културата.

Уметниците, како што велат, се воодушевени од гостопримството, луѓето, од природата.

- Луѓето и природата се најголемата инспирација, како целина, рече Мирослав Живковиќ, уметник од Србија.

Ликовната колонија „Дрен“ е дел од културните настани што се во рамки на „Прлепско културно лето“.