Македонија
20. March 2025 - 17:01

Затворени уште два локали во Тетово, контролите продолжуваат

Два угостителски објекти во Тетово синоќа биле затворени, а во сите 16 локали и ноќни клубови што вчера биле проверувани од инспкетори на територијата на Тетово и Гостивар биле утврдени низа неправилности, соопштија од Министерството за внатрешни работи. Проверките се дел од владината акција за контрола на сите угостиелски објекти по страотниот пожар во Кочани поради низа пропусти од издавањето на лиценца, па се до исполнување на техничките и безбедносните услови за работа на ноќниот клуб. 

„Извршени се контроли во 16 угостителски објекти (ТЕ-10 и ГВ-6), кај кои биле констатирани низа неправилности и од страна на ДПИ и ДЗС ќе им бидат изготвени соодветни поднесоци, додека од страна на ДПИ биле затворени два угостителски објекти во Тетово“, соопштуваат од МВР.

Се работи за проверка која ја вршат тимови составени од инсепектори на МВР, финасиската полиција, УЈП, државниот пазарен инспекторат и Дирекцијата за заштита и спасување. 

Досегашните контроли покажуваат дека дури половина од дикотеките, кабарињата и угостителските објекти не ги исполнуваат основните технички услови, потврди вечера за Сител премиерот Мицкоски.

 „Пред да дојдам на ова интервју добив информација од Државниот пазарен инспекторат дека се провери повеќе од 60-70 локали. Дури и оние кои имаат важечки лиценци, повеќето од половина не ги исполнуваат минималните технички услови. И тоа е најголемиот проблем... разговарано е и со претседателот на ЗЕЛС под итно да закаже Управен одбор, да се проверат сите оние објекти кои се под општинска надлежност. Комуналните инспектори ќе излезат на терен, ќе ги проверат настрешниците и терасите. Нема назад, тргнавме. Или ќе победи таа мафија која со децении трае, или ќе победат народот и државата. Ние сме на страната на народот и државата и одиме до крај“, изјави премиерот. 

Инспекторите по текот на вчерашниот ден пак, затворија и три други дискотеки кои не ги исполнувале условите и покрај тоа што имале важечка лиценца. Едно лице, сопственик на ноќен клуб во Куманово, пак, беше приведен бидејки при контролата бил затечен како дури тогаш внесува противпожарни апарати во локалот. Внатре пак, му биле пронајдени пиротехнички материјали.