Македонија
30. July 2025 - 12:27

Заштитена средновековната кула на локалитетот Пирго, дел од одбранбениот систем на Цар Самоил

По 13 години од првите археолошки истражувања, конечно е конзервирана и заштитена средновековната кула на локалитетот Пирго на Беласица,  објект за кој се смета дека бил користен и од цар Самуил.

Истражувањата укажуваат дека кулата е дел од поголем одбранбен систем кој бил во употреба уште од времето на рана Византија и продолжил да се користи во текот на Средниот век, со особено значење во периодот на Самуиловата држава.

Се работи за масивна кула со идеална квадратна основа и димензии од 10 на 10 метри и ѕидови дебели до 3 метри.

Конзервацијата претставува прва фаза од поширокиот проект што го реализира Завод и музеј  Струмица. Во тек е изработка на идеен и основен проект за целосна реконструкција на објектот  со што се отвараат нови можности за понатамошно истражување, презентација и вклучување во културно-туристичката понуда на регионот.

Сите активности поврзани со локалитетот Пирго се реализираат со финансиска поддршка од општина Ново Село.