Македонија
15. December 2019 - 14:40

Запалени шест контејнери минатата ноќ во Скопје

Шест контејнери биле запалени синоќа во скопската населба Лисиче. Со тоа за девет месеци оваа година низ Скопје запалени и уништени се над 100 садови за одлагање на комуналниот отпад.

„Сите опожарени контејнери се целосно уништени и неупотребливи. Со ваквите инциденти на ЈП ’Комунална хигиена‘ му е нанесена финансиска штета во висина од 1,5 милиони денари. Градот Скопје и ЈП ’Комунална хигиена‘ апелираат до граѓаните да ги чуваат и да не ги оштетуваат контејнерите поставени на јавните површини за да се овозможи ефикасно одлагање на комуналниот отпад и да се одржува јавната хигиена. Садовите за отпад се набавуваат со пари од граѓаните, а со нивното оштетување се нанесува голема финансиска штета“, велат од Град Скопје.

Од Градот бараат од граѓаните да го пријават секој случај на вандализам врз контејнерите и врз другата урбана опрема, за да се одржи комуналниот ред во градот.

Случаите на запалени контејнери се пријавени во Министерството за внатрешни работи, но досега ниту еден сторител не е најден ниту казнет.