Македонија
30. July 2024 - 16:38

За Минчев „Балансерот“ е завршена работа - Вреди се налути

Прво носење на клучни закони па дури потоа укинување на „Балансерот“. Министерот за администрација ги повлече предлог законите за административни службеници, за вработени во јавен сектор и за стручно усовршување и обука кои беа во собраниска процедура. Меѓутоа, за да дојдеме до конечно укинување на алатката која како репер за вработување на државно наместо квалитетите ја гледаше само етничката припадност, ќе мора прво да се донесат применливи закони.

-Мислам дека е дојдено време во администрацијата да се вработуваат луѓе врз база на знаење, на квалитет со цел да имаме силна, ефикасна и добра јавна админситрација.Но тоа е второто начело. Првото начело е да имаме квалитетни закони. Токму овие за кои денеска разговараме коишто е исклучително важно да бидат применливи и да бидат системски закони, вели Минчев.

Прашањето за употребата на Балансерот во моментот за Минчев е завршена работа. Резидентното население е параметарот кој мора да се почитува при вработување по етникум, наместо во бројката да влезе и дијаспората какошто тоа се правеше во минатото.

-Или ќе се почитува Закон или нема да се почитува Закон. Јас како Министер сум должен да го почитувам Законот и тоа ќе го правам се додека сум министер, до последната запирка. Стриктно е наведен членот, ако мислите на пресметката во Балансерот дека се однесува исклучиво на резидентното население. Односно, на територијата на Република Македонија. Тоа значи, сите жители коишто на територијата на Република Македонија ќе бидат во пресметката на т.н. Балансер, односно во формулата за пресметка. И да повторам, таа тема е завршена и архивирана и се спроведува, вели Минчев.

Оваа изјава на Минчев ги разлути коалициските партнери од ВРЕДИ. Според Коалицијата, Македонците биле тие кои го злоупотребувале Балансерот, а претставниците на ЗНАМ со анти-албанска доктрина се обидувале направат голема партија.

-Застапеноста на Албанците никогаш нема да биде завршено прашање, и најмалку ќе зависи од партија како ЗНАМ. Дневна политика од Балансерот прават токму Минчев и Димитриевски, кои мислат дека нивната Анти - Албанска доктрина ќе ги направи голема партија. Наместо да пукаат со ќор фишеци треба да го научат ставот на ВЛЕН. Ние сметаме дека Балансерот е нефункционално решение кое стана предмет на злоупотреба на Македонците, кои за да се вработат во јавната администрација се пишуваат Албанци. Затоа, неопходен е Закон за правична застапеност кој ќе овозможува Албанците да бидат дел од сите институции врз основа на квалитет, интегритет, стручност, се вели во реакцијата.

По низата злоупотреби на Балансерот во кој на конкурси за работа луѓе често си ја менуваат етничката припадност за да седнат во државна фотелја, често слушавме најави за негово конечно укинување со цел вработување според компетентност. Но очигледно, за тоа ќе почекаме барем додека не бидат донесени овие клучни закони.

Меѓу нив е и Законот за раководна служба, кој претходните двајца министри не успеаја да го донесат на време. Минчев сега вели дека тој на ред ќе дојде дури догодина бидејќи е клучен за ЕУ, а тој не сака да има никакви пропусти во неговото носење.