Втор ден собраниска расправа за избор на влада, гласањето најдоцна до полноќ

Во Собранието на Република Македонија втор ден се расправа за избор на новата влада, а најдоцна до полноќ треба да се изгласа предложеното решение со најмалку 61 глас.
Според пратениците од ВМРО-ДПМНЕ понудената владина програма е гол популизам, има општи тези без конкретни рокови. Тие со критики и за зголемениот број министри. Пратениците од СДСМ, пак, сметаат дека предвидените проекти се гарантирани зашто се базираат на реални проекции и можности, а владиниот тим го сочинуваат луѓе докажани во својата струка.
Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ со забелешка до претседателот на Собранието Талат Џафери дека само на пратениците од неговата партија им се обраќа на албански јазик, со што го крши законот.
- Нема да влеземе во сценарија за креирање провокации кои што денеска повторно ги гледаме. Нема да дозволиме да бидеме дел од такви сценарија, ниту да бидеме обвинувани за сето тоа. Добрата волја беше покажана од наша страна вчера, а ќе биде покажувана и во иднина, но само ако има коректен однос од сите. Ако тој коректен однос се сведува на вакви ниски провокации какви што ги прави Талат Џафери мислам дека напразно сме се надевале дека некој ветувал нормализирање на ситуацијата, рече Димовски.
Џафери пак истакна дека се додека за нив е пратеник, нема ништо спорно така да им се обраќа. - Како ќе се однесувате кон мене, така и ќе ви се обраќам. Не сум обременет од тој аспект, рече тој.
Говорејќи за експозето на мандатарот Заев, пратеникот Димитар Стевананџија од ВМРО-ДПМНЕ рече дека тоа наликувло на специјалистички труд на анастезиолог кој чита плагијат напишан некаде далеку од Република Македонија.
Напомена дека во експозето на СДСМ не се споменати работноспособните, а тоа значи дека нема ни ветување за нови работни места и за нови странски инвестиции. Додаде дека во експозето нема ништо конкретно ниту за пензионерите.
Стевананџија посочи дека по 78 години во оваа зграда е изгласана антиреформска влада, влада по туѓ ќеф наспроти ќефот на гласачите.
Во меѓувреме, како што рече, исполнето е и првото лажно ветување наместо 20 имаме 26 министерски имиња. - Ветија дека ќе бидат 20 или помалку за да заштедувале, ама напротив наредните шест месеци, година, шест нови министерски места, шест нови плати, шест нови возила, ... шест нови македонски Тамари нема да можат да се лекуваат во странство заради тие лажни ваши ветувања, рече Стевананџија.
Мисовски меѓу другото на колегите од ВМРО-ДПМНЕ им забележа за тоа што никој не се извинил за настаните од 27 април.
И Максим Димитриевски од СДСМ побара од колегите пратеници од ВМРО-ДПМНЕ да се извинат за, како што рече, соучеството на дел од пратениците во настаните од 27 април.
Павле Богоевски во контекст на тоа додаде дека не може да се заборави дека, како што рече, пратеници од ВМРО-ДПМНЕ на 27 април ги отворија вратите на Собранието, но и дека ВМРО-ДПМНЕ го присвоило за себе македонскиот идентитет. - Најмногу ме боли што го присвоивите нашиот, мојот македонски идентитет, додаде Богоевски.
Претседателот на Собранието Џафери апелираше до пратениците да го остават, како што рече 27 април на местото каде што треба, а денеска да дискутираат за предлог програмата и предлог составот на владата.
Александар Кирацовски од СДСМ истакна дека денеска е празник на демократијата во Собранието. - Колегите од ВМРО-ДПМНЕ одлучија и овој празник да им смета. Добро е што влеговте во улогата на опозицијата. Не знам дали е аболиран Заев два пати, но знам дека има две лузни поради вас, додаде Кирацовски.
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Драган Данев истакна дека ова не било празник на демократијата, бидејќи мандатарот Зоран Заев направил преседани и со слабо мнозинство ќе направел влада.
- Денес во 2017 година, господине Заев ќе бидете единствениот мандатар досега кој нема поддршка од мнозинството Македонци пратеници во Собранието на Република Македонија и на тој начин македонскиот народ чија што изборна волја преку изборот на своите пратеници ја ставате со постизборен инженеринг во опозција, истакна Данев.
Расправата почна вчера, откако мандатарот Зоран Заев ја образложи владината предлог-програма.
Владата треба да биде избрана два дена по почнувањето на седницата, односно најдоцна денеска на полноќ, а за тоа е неопходно да гласаат најмалку 61 пратеник.
Во новата влада, според предлог-составот што го достави мандатарот Заев, министри ќе имаат СДСМ, ДУИ и Алијанса на Албанците, кои имаат мнозинство од 62 пратеници во 120-членото Собрание.
Радмила Шекеринска е предложена за министер за одбрана, Оливер Спасовски – за внатрешни работи, Драган Тевдовски – за финансии, Никола Димитров – за надворешни работи, Рената Тренеска Десковска – за образование и наука, Горан Сугаревски – за транспорт и врски, Љупчо Николовски – за земјоделство, Мила Царовска – за труд и социјална политика, Дамјан Манчевски – за информатичко општество и администрација, Роберт Алаѓозовски – за култура. Кочо Анѓушев е предложен за министер без ресор и ќе биде вицепремиер за економски прашања. За министри без ресор се предложени и Едмонд Адеми, Роберт Поповски, Аднан Ќахил, Самка Ибраимовски, Зоран Шапуриќ и Зорица Апостоловска.
Министри без ресор предложени од ДУИ ќе бидат Хазби Лика, Бујар Османи, кој ќе биде вицепремиер за евроинтеграции, и Рамиз Мерко. Садула Дураку е предложен за министер за животна средина и просторно планирање, Крешник Бектеши за министер за економија и Билен Саљији за министер за правда.
За министер за локална самоуправа е предложен Сухејл Фазлиу, додека за министер за здравство Арбен Таравари. Фазлиу и Таравари се предлози на Алијансата за Албанците.
Пратениците по едночасовна пауза треба да ја продолжат собраниската расправа за избор на новата влада.
Ново на Сител
-

Савески: Одлуката за отповикување на овластувањата на обвинителката Ристоска не беше персонална, туку е од организациска природа
-

МФ: Извршен поврат на солидарен данок од 1,219 милијарди денари кон 119 компании
-

Мицкоски: Со 400 кV далновод од ТС „Битола 2” првпат стануваме целосно поврзани со сите соседни електроенергетски системи
-

АРМ објави оглас за 300 нови војници
-

Првата пешадиска бригада го одбележува Денот на единицата
-

Случај Ивана и Катја: Наставничката сведочеше за семејното насилство и за последниот училишен ден на девојчето
-

До сабота облачно со дожд, од недела сончево и потопло
-

Ленче Ристоска поднесе оставка од обвинителската функција
