Македонија
6. јуни 2020 - 8:17

Втор ден карантин за Скопје, Куманово, Штип и Тетово

За граѓаните на сите општини во градот Скопје, околните скопски општини Арачиново, Зелениково, Илинден, Петровец и Студеничани, во Куманово, Липково, Штип, Карбинци, Тетово, како и Боговиње, Брвеница, Теарце, Желино и Јегуновце денеска е втор ден карантин, откако Владата за тоа донесе одлука на седницата во средата, како мерка за спречување на ширењето на коронавирусот.

Осумдесет-часовниот полициски час почна во четвртокот во 21 часот, а ќе трае до понеделник до 5 часот наутро.

Согласно одлуката на Владата во сите останати градови денеска и утре е забрането движење на сите граѓани по полицискиот час, кој почнува од 16 часот и трае до следниот ден до 5 часот наутро.

Поради празникот Задушница и Духовден забрана е воведена и за посета на гробиштата на целата територија на државата до понеделник до 5 часот.

Одлуката за повторно воведување забрана за движење е донесена согласно препораките на Комисијата за заразни болести, со цел брза и ефикасна реакција за спречување на ширењето на коронавирусот. Забрана за движење на териорија на цела држава имаше до 26-ти минатиот месец, кога беше целосно укината.

Исклучоците од забраната за движење важат за полицијата, армијата, здравствените работници (во ЈЗУ и ПЗИ, како и матичните лекари) и за маркетите и рестораните кои вршат достава на производи, а аптеките работат непречено.

Отстапките од овие забрани се однесуваат и за земјоделските активности, поради што е дозволено движење во рамки на територијата (атарот) на селата, исклучиво за работните потреби.

Сите издадени дозволи за движење за време на претходните забрани за движење кои беа воведени остануваат да важат, особено за економските оператори и за работа организирана во смени.

Забраната за движење не важи за лицата со попреченост и за нивните придружници доколку имаат соодветна документација.

Прошетката на милениците е во веќе востановените термини во периодите 8 до 8:30, 15 до 15:30 и 20 до 20:30 часот.

Министерот за здравство Венко Филипче вчера повика граѓаните каде и да се наоѓаат да се придржуваат до мерките, односно носење заштитна опрема, држење растојание и негрупирање.

Повторното воведување на рестриктивните мерки следува по зголемениот број новодијагностицирани случаи со Ковид-19 во земјава во изминатите денови.