Македонија
31. January 2023 - 16:33

Вратен еден од избеганите затвореници - политички препукувања за состојбата во затворите

Само три дена траеше бегството на дилерот Ариф Алили од Кичево кој од отвореното одделение во затворот во Шутка и избега на затворската полиција.

Полициските службеници го нашле денеска и тоа во центарот на Битола. Директорот на скопскиот затвор во разговор тврди, не станувало збор за бегство, туку за „одалечување“ бидејќи бил сместен во отвореното одделение. Но бидејќи го напуштил затворот, сега ќе му бидат одземени сите привилегии.

-Ќе биде во затворениот дел. Тоа е позади тие ѕидини каде што се, кадешто прошетката ќе се исполнува во затворениот дел. Работно ангажиран може да биде во кујна. Веќе полуотворено-отворено за него е недостапно. И таа мерка е три месеци, не е до завршувањето на затворската казна. Ќе видиме, ако е ресоцијализиран и добар може да го регресираме пак во полуотворено одделение. Не можеме да ги чуваме ние до крај на казната во затворено, вели Филип Андов, директор на КПУ Затвор – Скопје.

Шефот на полицијата вели потребни се промени на затворскиот систем во Македонија. Спасовски уверува, службите ќе продолжат да ги гонат корумпираните затворски структури.

-Консолидацијата на тој систем значи зајакнување на човечкиот потенцијал и кадровскиот потенцијал, посебно во делот на управувањето и справувањето со корупцијата. И политичка и кривична одговорност мора да има за сите пропусти што се случуваат било каде во која институција, конкретно сега и во затворскиот систем, вели Спасовски.

Опозицијата, пак, бара оставка од Андов. ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека дел од избеганите затвореници кои во изминатиот период `и станаа познати на јавноста биле блиски до кадри на СДСМ. Партијата смета дека само со одговорност за Андов и Тупанчевски може во иднина да се избегнат филмски бегства како тоа на Беким Мемети.

- Ваквите бегства покажуваат дека се работи за целосен распад на затворскиот систем, кој се претвори во решето систем. Пред неколку недели се случи и скандалозното бегство од затворот Идризово, при што беше ранет и еден затворски полицаец. Овој случај, но и останатите покажуваат дека корупцијата и криминалот владеат со затворите во Македонија, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Сепак, Андов вели дека оставка нема да поднесе и најави тужба против претставници на ВМРО-ДПМНЕ.

Во меѓувреме, полицијата се уште трага по Беким Мемети. По неговото бегство суспензија и притвор добија командирот на одделението и тројцата затворски полицајци кои го вршеа спроводот.