Во тутунскиот комбинат во Прилеп започна предвремениот откуп на тутунот
Во Тутунскиот Комбинат во Прилеп започна предвремениот откуп на тутунот. Мал дел тутунари го предаваа тутунот,а повеќе беа дојдени да видат како ќе се одвива откупот, во колку класи, а пред се по која цена. На тутунопроизводителите кои го предадоа први тутунот им помина во класа која чини 420 денари, но велат дека таа треба да биде минимум 600 денари според трошоците за живот.
„Тутунчево е квалитетно значи, исушено навреме, собрано навреме, наводнувано со систем капка по капка. Сега околу цениве би требало да биди малку повисоко бидејќи има трошоци поголеми. Јас мислам дека треба да биде цената некаде 600 денари килограм прва класа“, вели Благој Мицески, тутунопроизводител од Прилеп.
„Годинава имам околу 1,2 тони, лани имав 800 килограми. Сега носам за почеток 14 картони, се надевам дека ќе оди целиот кец како што е кажано, но очекуваме и повисока цена. Давачките се големи, со деца мали се мачиме, со фамилијата. Тутунот треба да биде 600 денари според мене“, додаде Реџеп Абдулоски, тутунопроизводител од Прилеп.
Од Сојузот на тутунски здруженија велат дека се задоволни од тоа како се цени првиот ден, но и тие бараат повисоки цени.
„Покрај тоа што е почнат откупот ние сме се уште во преговори со компаниите, и бараме покачување на цената. Нема да престанат нашите барања, но сето зависи од компаниите која економска оправданост ќе имаат за подигнување на цените“, изјави Кире Ристески, претседател на Сојуз на тутунски здруженија.
Комбинатот го започна откупот со 34 пункта и 37 ваги. Од таму велат дека ако дојде до покачување на цената во текот на откупот тие се подготвени да ја доплатат разлика на оние тутунари кои го предале тутунот по пониска цена.
„Доколку и другите откупувачи се решат за корекција на цените, нормално во рамките на стопанството Тутунски комбинат и спремен да ги следи тие цени и се што е откупено по стара цена да биде ретроактивно исплатено по новата цена“, изјави Aлександар Алексовски, директор на Тутунски Комбинат Прилеп.
Од Сојуз на тутунски здруженија очекуваат до понеделник сите 10 откупувачи да стартуваат со откуп.
-
Дарко Штаргоски
Сите содржини од овој новинар
