Балкан
2. October 2023 - 15:13

Во Турција приведени 20 лица по бомбашкиот напад во Анкара

Во полициските операции во Истанбул и Киркларели против Курдистанската работничка партија (ПКК), која Турција ја смета за терористичка организација, по бомбашкиот напад во Анкара беа приведени 20 лица.

Турскиот министер за внатрешни работи Али Јерликаја денеска изјави дека 20 лица се приведени во акции спроведени на 26 адреси во Истанбул и Киркларели, јавува „Анадолија“.

Тој наведе дека утврдиле кои „се лицата кои собирале помош за членови на терористичка организација кои биле уапсени и осудени за активности на терористичка организација“.

„Фатени се 20 луѓе. Со молитви и поддршка на нашата драга нација, нашата борба ќе продолжи одлучно се додека не биде неутрализиран и последниот терорист“, рече министерот.

Работничката партија на Курдистан ја презеде одговорноста за самоубиствениот напад вчера во Анкара.

Бомбаш самоубиец активираше експлозив во близина на Министерството за внатрешни работи во турскиот главен град Анкара, неколку часа пред почетокот на седницата на парламентот по летниот распуст.

Двајца припадници на полициските сили се полесно повредени, додека другиот напаѓач е убиен во размената на оган со полицијата, јавуваат медиумите.