Македонија
28. January 2026 - 12:24

Во Штип лани речиси секој ден се продавал по еден стан

Пазарот на недвижности во Штип бележи континуирана активност и високо ниво на побарувачка. Во текот на 2025 година речиси секој ден се продавал по еден стан. Најбарани се помалите станбени единици, особено во новоизградените објекти, кои доминираат во вкупниот број на трансакции. Од вкупно продадените станови, повеќе од две третини се новоградби, што укажува на силен инвестициски циклус во последните години и зголемена понуда на современи станбени комплекси.

- Во 2025 во Штип се продадени 330 станови од кои 214 се нова градба. Вкупната вредност на продадените станови е околу 19 милиони евра, од кои 13 милиони евра се однесуваат на новите станови. Од вкупните бројки две-третини се однесува на новите станови и тоа се становите кои се градат низ последните години, изјави Драган Каров, одделение за даноци, ЛС- Штип.

Во периодот од последните четири години во Штип се продадени вкупно 1.250 станови. Најголем обем на купопродажби е забележан во 2022 година, кога биле реализирани околу 400 трансакции. Следната година пазарот бележи забавување со 250 продадени станови, додека во 2024 година бројот повторно се зголемил на 270.

- Просечната цена за продажба се движи околу 1.300 евра за метар квадратен. Бројките од претходните години покажуваат дека секоја година се зголемува просечната цена на становите и не се очекува некое намалување, додаде Каров. 

И покрај промените во динамиката на продажбата, цените на недвижностите и понатаму се движат нагоре, а анализите укажуваат дека во блиска иднина не се очекува намалување на цените.