Македонија
12. August 2024 - 16:30

Во моментов има 10 активни пожари: Алармантно е во Пехчево

Два хеликоптери од рано утрово од воздух ја напаѓаат новата огнена стихија кај Пехчево, којашто избувна вчера во попладневните часови. Службите се сомневаат дека и овој пожар е подметнат, бидејќи избувнал само на четириесетина метри подалеку од стариот, кој минатиот месец стигна до првите куќи во градот.

Пресметките покажуваат дека само вчера горела 150 хектари високостеблеста борова шума, а денеска ситуацијата е уште поалармантна. Гори на повеќе места низ планината, но планот на локализирање на огнената стихија е ист, концентрирано гаснење точка по точка од воздух, како и напад на огнот од земја со екипите на Национални шуми, ДЗС, пожарникари и доброволци. Огнот проголта и единственото противпожарно возило на општината, кое им било дадено на локалците да го користат. Лицата во него едвај спасиле жива глава и поминале само со помали изгореници.

Покрај пожарот во Пехчево, службите денеска се борат и со 9 други активни.

И денеска е критично во Македонски Брод, таму гори на три места. Пожар беснее и во Новаци, како и на три места во Кичево. Опасно е и во Ресен и во Неготино.

Вчера имало вкупно 45 пожари на отворен простор. Од нив 32 се изгнаснати.