Македонија
6. September 2016 - 13:07

Во Куманово 56 лица потпишаа договори за сопствен бизнис преку владината мерка за вработување

Во  Центарот за вработување во Куманово, 56 лица кои успешно ги поминаа сите фази на мерката самовработување со грант од првиот оглас од 2016-та година, денеска потпишаа договори со надлежните и ќе започнат со сопствен бизнис преку оваа мерка од оперативниот план за вработување на Владата.
 
Најголем дел од нив, отворија мали занатечиски работилници, продавници, адвокатски канцеларии, а дел од нив и производствени капацитети.
 
- Годинава на првиот оглас имавме 112 апликации од кои  беа одобрени 56 најуспешно рангирани бизнис планови. На вториот оглас аплицираа 71 невработени со бизнис план, од кои се позитивно се оценети 46 бизнис планови, изјави раководителот на Центарот за вработување Куманово,Милорад Тренчевски.
 
Анализите кои ги извршиле стручните лица од Центарот за вработување, покажуваат дека 80 проценти од досегашните новоотворенибизниси со оваа мерка од оперативниот план на Владата, успешно опстојуваат.
 
- За одбележување е дека со самовработување имаме претпријатија кои почнале со еден вработен и сега со користење на дел од сетот мерки имаат вработено помеѓу 30 и 40 вработени, пред се,тука  станува збор за чевларски или текстилни компании, рече Тренчевски.
 
Годинава, лицата кои отвараат бизниси преку самовработување можат да ги користат поволностите од „Македонија вработува 2“ односно да бидат ослободени од плаќање придонеси зависно од возраста, ако лицето е до 35 години ослободувањето е 3 години, од 35 до 50 пет години, пет години и од 55, ослободувањето од плаќање придонеси е се до пензионирање. 
 
- Поради зголемен интерес на невработените,од денеска отворен е уште еден оглас за самовработување со грант, кој ќе трае до 20-ти септември и повикувам сите невработени лица што имаат изводлив бизнис план и успешна идеја да дојдат  во центарот за вработување и да аплицираат за  мерката, информираше Тренчевски.
 
Што се однесува до останатите мерки, информираше дека 70 млади до 29 години ангажирани се во различни претпријатија преку мерката практикантство и државата им обезбедува по 6.200 денари месечно.Во Куманово преку АВРМ за сметководители се преквалификуваа 30,а преку ИПА програмата 20 невработени за сметководители.Во средното техничко училиште „Наце Буѓони“ се реализираше обука за негователи за стари лица, за што, меѓународно признат сертификат добија 60 лица од кои 30 преку Агенцијата и 30 преку ИПА програмата. Триесет лица се обучуваат за аргон заварувачи во „Наце Буѓони, а  15 лица се обучуваат за изработувачи на внатрешен ентериер од дрво во кумановската компанија „Проспера“. Педесетина невработени следат бесплатни курсеви по англиски, германски и италијански јазик. Во работниот клуб на кумановскиот Центар за вработување поминале 260 лица.
 
Во различните мерки од оперативниот план за вработување од Куманово вклучени се 1.360 лица.