Во Битола отворена изложба „Мајка Тереза - светицата од Скопје, светицата на светот“
Во Битола вечерва во рамки на 4. Светската конференција за меѓурелигиски и меѓуцивилизациски дијалог, министерката за култура Елизабета Канческа Милевска ја отвори изложбата „Мајка Тереза - светицата од Скопје, светицата на светот“ која беше претставена и во Рим по повод канонизацијата на Мајка Тереза.
Министерката Канческа Милевска истакна дека изложбата има голема симболика бидејќи токму Мајка Тереза целиот свој живот го посвети на поттикнувањето на најубавите и најхуманите вредности кај луѓето, на милосрдието, на човекољубието.
- Мајка Тереза, како Диоген со фенерот, секогаш го бараше најдоброто во луѓето, го поттикнуваше нашето сочуство, а истовремено се грижеше за сиромашните, осамените, заборавените, за сите оние кои не почувствувале човечки допир, радост и среќа. Затоа, сите ние денеска имаме историска задача, да го продолжиме нејзиното дело, нејзината мисија за мир и љубов на земјата и единство и дијалог меѓу народите. Ние сме навистина горди што Мајка Тереза е родена во Скопје, во нашиот главен град во кој таа ја донесе и својата судбоносна одлука, да му го посвети животот на бога, на оние на кои им е потребна вера, надеж, љубов, рече Канческа Милевска.
Изложбата содржи неколку тематски целини, паноа на кои се илустрирани впечатливи фотографии, документи и наративен текст придружен со најдлабоките размисли на Мајка Тереза, експонати кои ги претставуваат детството и младоста на Мајка Тереза, семејството и блиските пријатели.
- Мајка Тереза е богатство на нашата современост, нејзиниот живот е уникатно сведоштво за бескрајната пожртвуваност кон другиот човек, за возвишената смисла на животот која честопати се заборава. Токму затоа една од заложбите на Владата на Република Македонија и Министерството за култура во сите овие изминати години беше на еден достоен начин да одадеме почит кон делото на Мајка Тереза која ја задолжи нашата колективна меморија и остави наследство кое имаме обврска да го опредметиме, посочи Канческа Милевска.
Спомен домот на Мајка Тереза во последните 7 години, како што кажа, го посетиле преку 800.000 посетители од целиот свет, а наскоро ќе биде изграден уште еден паметник на Блажената Мајка, скулптурална композиција која ќе потсетува на влогот на големата хуманистка, на нејзиниот живот кој е пример и извор на вдахновение.
Ново на Сител
-
Директорот Бурим Љатифи го пушти во работа новиот трансформатор во ТС Битола 2: Клучен чекор за енергетска стабилност
-
Трудо поднесе оставка како лидер на партијата, но ќе остане премиер додека партијата не избере негов наследник
-
Откажани 1.339 летови низ САД поради невремето кое донесе обилен снег
-
ЗНМ: Запалено возило на новинарка
-
Сиљановска-Давкова: Божиќ е симбол на животот, љубовта, почитта и солидарноста
-
Опожарени четири автомобили во пожар во автосервис во Сарај
-
Малолетник завршил со повреди, откако со другар влегле во двор во скопско Студеничани и одврзале куче кое ги нападнало
-
Честитка од Минчев по повод Бадник: Солидарноста и поддршката се темел на нашето општество