Македонија
20. March 2023 - 14:42

ВМРО-ДПМНЕ и Левица поднесоа над 4.000 амандмани и ги блокираа законите за покачување на платите во судството

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Левица денеска со преку 4 000 амандмани ги блокираа четирите закони со кои се бара покачување на платите на судиите, јавните обвинители и судскиот и обвинителскиот совет.

Четири закони беа на дневен ред на седница на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците, а откако беше констатирано дека за секој од законите има поднесено по околу 500 амандамни, таа беше прекината.

Дајанчо Ефтимов, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференција во Собранието истакна дека во услови кога инфлацијата во државата е на алармантно ниво, кога стопанствениците едвај даваат плати на своите вработени, кога граѓаните едвај врзуваат крај со крај, новата Влада со очигледно стари навики, не отстапува од намерата да ги зголеми платите на судиите и обвинителите.

-За да биде појасно, пратеничката група на ВМРО ДПМНЕ и коалицијата не е против покачувањето на платите на судиите и јавните обвинители, но како одговорни пратеници реагираме од принципиелни причини бидејќи токму покачувањето на платите во судството треба да биде последната, а не првата мерка која што оваа Влада треба да ја направи, рече Ефтимов.

Пратениците на Левица Димитар Апасиев и Борислав Крмов, пред отпочнувањето на седницата на собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците поднесоа вкупно 2.400 амандмани на Предлог-законите за изменување на Законот за плати на судии и на Законот за плати на членовите на Судскиот совет на РМ, кои беа предложени од Владата, т.е. Министерсвото за правда - по скратена постапка.

-Сметаме дека со огромната и ноторна недоверба на граѓаните кон корумпираниот судски систем, со престорување на правосудството во фамилијарна професија заробена во стегите на непотизмот, класните привилегии и кронизмот - платите на судиите се најмалиот проблем во реформата на судскиот систем, која треба да биде радикална, посочуваат пратениците од Левица. Тие, како што наведуваат, нема да дозволат зголемување на банефициите на судиите и обвинителите се додека не се воведат суштински реформи во правосудството, како на пример: трајниот мандат на судиите, нивната неоговорност за штета нанесена на странките, контоверзниот начин на избор во Академијата за судии и јавби обвинители, системот на кариерен развој во повисоки судови и слично.

Претходно на Комисијата за политичким систем и пратениците од владејачката коалиција и опозицијата ги поддржаа измените на Законот за Собрание за изедначување на платите со минималната плата, како и Предлог законот за аменстија, со којшто ќе се одредат условни казни за лицата кои беа казнети за врема на ковид пандемијата.

ВМРО-ДПМНЕ го поддржа законот, но според пратеникот Антонио Милошоски тој од еден аспект е дискриминирачки бидејќи не ги опфаќа лицата кои веќе платиле казна за прекршување на полицискиот час во ковид кризата.