Македонија
28. February 2025 - 16:37

Владиниот предлог за разрешување на државниот Јавен Обвинител се уште се патува до Судскиот Совет

Советот на Јавни обвинители се уште го чека владиниот предлог за разрешување на Државниот јавен обвинител Коцевски. Претседателката на Советот не даде одговор на можните процедури по добивање на предлогот.

- Најпрво да го добиеме предлогот, да ги видиме наводите кои што се наведени во истиот, па потоа ќе се произнесеме, рече претседателката на Советот на јавни обвинители Душица Димитриеска.
Советот откако ќе го добие предлогот има рок од 30 дена да се произнесе по него. Откако Влада ќе го добие мислењето на Советот, треба да донесе нова одлука и потоа да ја испрати до Собранието, а пратениците да одлучат за судбината на Коцевски.

- Процедурата треба да почне со предлог на Владата за разрешување. Ние таков предлог се уште немаме. Што го добиеме ќе бидете известени и вие и тој предлог ќе го доставиме до сите пратеници и како што е предвидено со Деловникот, така и ќе постапиме, вели собранискиот спикер Африм Гаши.

Наташа Крстевска Цалева останува на функцијата в.д. шефица на скопското Вишо Јавно обвинителство. Советот денеска требаше да го разгледа нејзиното барање за разрешување, кое практично беше и иницијална каписла за Владата да почне постапка за разрешување на државниот јавен обвинител. Сепак, оваа точка ќе се најде на дневен ред кога Составот ќе биде во полн состав. Крстевска Цалева, инаку, смета дека нема доволно искуство за да го води Вишото Обвинителство. 

- Останува на функцијата со оглед на тоа што Советот донесе одлука со која таа треба да раководи со Вишото јавно обвинтелство Скопје за време додека трае одалечувањето на вишиот јавен обвинител.

„Дали во меѓувреме размислувате за друг кандидат кој би можел да ја наследи?“

- Не, не..., рече Димитриеска. 

Во меѓувреме, петмината членови на Судскиот совет, избрани од Собранието, за кои почна постапката за интерпелација, ги испратиле своите одговори до Законодавниот дом. Гаши вели дека во наредните денови одговорите ќе бидат доставени до сите пратеници на разгледување. Очекувањата се во првата од половина на март интерпелациите да бидат ставени на Дневен ред.

Овие интерпелации не се правно обврзувачки и доколку бидат изгласани, тоа не би значело дека членовите на Судски ќе бидат разрешени. Барем досега, тие во јавност кажуваа дека нема да си поднесат оставки.