Македонија
26. March 2025 - 16:32

Видевски не се сеќава кај го сокрил пиштолот, негира вмешаност во убиствата на Вања и Панче

Обвинетиот за убиствата на Вања и Панче, Боре Видевски не знае каде го ставил пиштолот кој го поседувал околу 30 години, го изнел од дома да го скрие на друго место надвор, ама не се сеќава каде го скрил. Имал одбивност кон оружје и го купил пиштолот поради помодарство, кажа денеска во судот. 

Иако според претходните сведочења на Палевски, пиштолот на Видевски е клучот да се расветлат двете убиства, на прашањата на судијата Ивица Стефановски, каде му е пиштолот, тој не можеше да се сети. 

Изнесовте пиштол од вашиот дом и не можете да се сетите каде е изнесен? – праша судијата

Ниту каде е изнесен, ниту каде е ставен. Го немам видено пиштолот околу две години пред да сум приведен. Лично не сум љубител на оружје, имам аверзија према оружје, купено е да не речам од помодарство пред околу 20-30 години, зошто имаше прилика да се набави лиценца.

Откако на неколку прашања на судијата Стефановски, Видевски не можеше да се сети каде му е пиштолот, каде го скрил, каде го чувал дома, го праша зошто го изнел од домот? 

Не можам да наведам посебна причина зошто го изнесов од дома. 

И денеска во судот негираше дека бил присутен на убиствата на Вања и Панче, иако обвинителките го читаа неговиот прв исказ- дека се согласил на киднапирања поради тоа што бил во лоша финансиска состојба, дека лично тој го нападнал Панче Жежовски за да можат да го врзат, а бил и на местото каде Палевски ја убил Вања. Но по 17 дена од првиот исказ, Видевски се предомислил и пред обвинителите кажа дека ниту бил вмешан ниту бил присутен за време на двете убиства. Морал така да каже зошто полицијата го тепала. 

Видевски пред судијата тврдеше дека Палевски никогаш не му се заканувал. Следното рочиште е на 2 април, а следен за исказ е обвинетиот Влатко Кешишев.