Велика Британија ја презеде контролата врз фабриката за челик „Бритиш Стил“
Обединетото Кралство ја презеде контролата над челичарницата Бритиш Стил (British Steel) и продолжи со работата на високите печки. Министерот за економија изјави на специјална седница на парламентот дека целосна национализација на производителот на челик е многу извесна.
Компанијата British Steel, чиј сопственик од 2020 година е кинеската групација Jingye Group, вработува 3,500 лица во фабриката во Скантроп.
Нивната иднина беше доведена во неизвесност откако Владата и компанијата не постигнаа спогодба за финансирање на транзицијата кон технолошки понапреден и еколошки поприфатлив начин на производство на челик.
Иако пратениците беа на велигденски одмор, Владата ги повика да се вратат за да донесат закон со кој ќе се овозможи управување со компанијата и нејзините вработени – обезбедувајќи исплата на платите и набавка на материјали за континуирано работење на високите печки.
Британскиот парламент и кралот го одобрија итниот закон со кој се спасува фабриката во Скантроп од затворање, што значи дека законот веднаш стапи во сила, објави Би-би-си.
Премиерот Кир Стармер изјави дека презема мерки за да го одложи затворањето на високите печки, кои во моментов прават дневна загуба од 700,000 фунти. Тој додаде дека вонредниот закон е „речиси без преседан“, но оти ќе обезбеди иднина за британската челична индустрија и оти тоа е прашање од национален интерес.
Седницата на парламентот што се одржа вчера, за време на велигденскиот одмор, е прва од војната на Фолкландските острови во 1982 година.
Министерот за економија Џонатан Рејнолдс во обраќањето до пратениците изјави дека законот ќе даде повеќе време за преговори околу иднината на British Steel. „Преносот на сопственоста на државата сè уште е опција, особено поради однесувањето на компанијата“, рече Рејнолдс и додаде дека Владата сè уште се надева на партнерство со приватниот сектор за долгорочно решение.
Ако се затворат високите печки, Велика Британија ќе стане единствената членка на Г7 што нема да може да произведува примарен челик од железна руда, кокс и други суровини.
British Steel и пред зголемувањето на трошоците за енергија имаше потешкотии поради презаситеност на светскиот пазар со челик. Дополнителен удар беа 25-процентните царини што САД ги воведоа на целиот увоз на челик во март оваа година.
САД увезуваат околу пет проценти од британскиот челик, во вредност од околу 400 милиони фунти годишно.
Ново на Сител
-
Трамп: Иран мора да се откаже од нуклеарното оружје или да се соочи со воен одговор
-
Унгарскиот парламент усвои уставен амандман за забрана на јавните ЛГБТКју+ активности
-
Премиерот Мицкоски се сретна со претседателот на ОАЕ шеикот Мухамед Бин Зајед Ал-Нахјан
-
Калас: Западниот Балкан е во Европа и местото му е во ЕУ
-
Со последните напади Русија јасно покажа дека не сака мир, порача Калас
-
Намален бројот на населението во Јапонија, за една година 550.000 луѓе помалку
-
Трамп ги обвини Бајден и Зеленски за војната во Украина
-
На ГП Табановце викендов влез и излез оствариле скоро 37 000 македонски државјани