Васил Тоциновски и Зоран Пејковски добитници на наградите „Крсте Чачански“ и „Јован Котески“ за 2016
Делото „Грлици“ на Васил Тоциновски ја доби наградата „Крсте Чачански“ за 2016 година, што се доделува за необјавена книга раскази. Наградата „Јован Котески“ за необјавена поетска книга, годинава ја доби „Златната прашина“ на Зоран Пејковски. Шести пат наградите ги доделуваат Културниот центар „Бран“ и Ревијата за книжевност „Бранувања“ од Струга.
Според тричлената комисија, Славчо Ковилоски–претседател и Христо Петрески и Мерсиха Исмајлоска-членови, со „Златната прашина“ Пејковски докажува дека поезијата треба да прашува, упорно, барајќи одговори, без да апстрахира и да одолговлекува. Неговата поезија е модерна и освежувачка. Таа дише низ призмата на будноста на еден внимателен набљудувач на сегашноста.
- Поетот крикнува против непристојноста и против неразбирливото, обидувајќи се да го пронајде „концептот за совршенството“, како што самиот пее во една од неговите песни. Бара одговори кои се карактеристични за љубопитниците, за оние што знаат да сонуваат со отворени очи, притоа не оддалечувајќи се од реалноста, од земјата. Пејковски поентира ненаметливо, но јасно, се вели во образложението на жирито.
Изразот на авторот, како што е наведено, е чист и без непотребни преоптоварувања во јазикот. Квалитетите на песните се несомнени и покажуваат дека и во денешно време поезијата може да биде носител на убавото, на елегантното, на револуционерното и на прогресивното.
Комисијата составена од Добре Тодоровски - претседател и членовите Мишо Китаноски и Васил Мукаетов во образложението за добитникот на наградта „Крсте Чачански“ посочува дека во книгата кратки раскази „Грлици“, Тоциновски на најдобар начин покажува и докажува оти литературата се вреднува единствено според естетските вредности.
- Стариот професор како наратор во Јас-формата, го задржува животното искуство и забревтано и превртливо време, но тука покрај него се децата како нова сила и верба во животот, како трајни вредности на домот и семејството. Наспроти горливите искуства и возрасноста, се лирските и хумани прикази за детето и детството. Со нив, како рамноправни наратори, писателот води дијалог за егзистенцијалните интереси, неменливоста, бесконечноста аспсурдноста. Животот е еден и единствен и треба да се живее полнозначно, стои во образложението на комисијата.
Зоран Пејковски е драмски писател, драматург, поет, прозаист, преведувач и публицист. Автор е на повеќе книжевни и драмските дела и добитник на повеќе награди и признанија.
Васил Тоциновски е писател, есеист, критичар, книжевен историчар, антологичар, автор за деца и млади и преведувач. Пишува проза и поезија за деца и возрасни. Преведуван е на дваесетина јазици, особено се посветил во истражувањата на македонската литература од 19. и првата половина на 20. век. Добитник е на голем број награди и признанија во земјава и странство.
Наградените книги ќе бидат промовирани на 8 јули во Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ на 6. Струшки книжевни средби, што од 7 до 9 јули ќе се одржат во Струга, Охрид и Вевчани со финансиска поддршка на Министерството за култура.
Ново на Сител
-
Сончево и многу топло со температури до 40 степени
-
Пукање на семејна веселба во населбата Аеродром
-
На Табановце и Богородица за влез и излез од државава се чека околу 30 минути
-
Нетанјаху закрепнува по труењето со храна, соопшти неговиот кабинет
-
Во иранскиот град Омдије измерени 49,6 степени, на Антарктикот- минус 74,2 степени
-
Најмалку 73 лица се убиени во Газа додека чекале да добијат храна, соопшти палестинското Министерство за здравство
-
Запленета поголема количина цигари без бандероли и дробен тутун во Тетово, приведено едно лице
-
Акциска контрола во винички угостителски објекти, приведено едно лице, затекнати и малолетници