Македонија
11. јуни 2025 - 16:46

Васил Јованов кој ја прегази Фросина повторно пред суд, овој пат за трговија со дрога

Не сум го сторил тоа за што се товарам и ве замолувам како суд и јас да почувствувам правда- кажа денеска Васил Јованов во Апелациониот суд, за делото со нелегалната продажба на дрога. Иако од Кривичниот суд, Јованов како постар малолетник, тогаш на 19 години беше осуден на воспитна мерка, откако ја прегази Фросина Кулакова, Апелациониот суд,  за продажбата на дрога, му ја зголеми казната, па наместо да оди во поправен дом го осуди на 3 години и 10 месеци затвор.

Врховен ја укина второстепената пресуда, зошто Апелација не одржала јавна седница, а Јованов немал можност да се брани.

Според Обвинителството, пресудата за Васил да оди во поправен дом за трговијата со дрога е премногу блага. Бараат построга казна. 

Основана е жалбата на ОЈО Скопје со која се укажува дека вака изречената криивчна санкција не кореспондира со целта на канзувањето и со истата нема  да бидат исполнети целите ниту на специјалната ниту на генералната превенција со оглед дека со истата е доведена во прашање ефикасноста на мерката  со која не би се остворил превентивно влијание врз обивнетиот за тој и во иднина да не презема вакви дејствија, кажа обвинителката Фатиме Фетаи. 

Според одбраната на Јованов пак, казната со која тој треба да оди во поправен дом е добра и исправна.

Дека Васил е манипулативна личност и не изразил каење, ќе ја упатам обвинителката на неговата изјава во завршните зборови и ќе може да се увери дали искажал каење или не. Во однос на санкцијата се наметнува прашањето дали досега изречените казни затвор на малолетни сторители за дрога ја исполниле целта на казнувањето? Дали затворите во Македонија се универзитети за криминал и дали работат на рехабилитација на сторителите? Напротив, процентот на повратот на сторители особено на овој вид кривични дела, покажува зголемен раст. 

Одлуката на Апелација за овој предмет ќе биде доставена до првостепениот суд.

Покрај ова дело, Васил Јованов во мај доби казна затвор од 12 години за смртното прегазување на Фросина Кулакова на пешачки премин на црвено светло на семафорот на Партизанска. Тој возел без возачка дозвола, под дејство на алкохол и со брзина од 90км на час.