Фудбал
20. October 2015 - 17:39

Вардар со најдолга серија без пораз во Европа

 
 Македонскиот фудбалски шампион Вардар ја има најдолгата серија без пораз во Европа. Веднаш зад „црвено-црните“ во континентални размери е тимот на Лиепаја од Летонија со 16, односно португалскиот вицепрвак Порто, со 15 натпревари без пораз.
 
- Нашиот Вардар е единствениот клуб меѓу прволигашите на Стариот континент, со импресивна серија од 17 одиграни средби без пораз, во натпреварувањата од домашната сцена (државни првенства, национални купови, лига купови и супер купови), како и во меѓународните купови, објавија од ФК Вардар на клупската веб страна.
 
Последен Вардар загуби на 12 мај оваа година, кога во претходната сезона беше поразен од тетовска Шкендија со 0-1, на натпреварот кој се одигра во Кичево, од рамките на плеј-офот во првата лига.
 
Потоа следуваше победа над Ренова од 4-1, со која беше заверена осмата шампионска титула и реми со кратовски Силекс, во последното коло од македонскиот фудбалски шампионат.
 
Во второто квалификациско коло од Лигата на Шампионите, Вардар и покрај елиминацијата, во два наврати ремизираше против кипарскиот АПОЕЛ, играјќи без голови во Никозија, односно 1-1 на возвратниот дуел во Скопје.
 
На почетокот од новата сезона, во домашното првенство, Вардар има скор од осум победи и две нерешени средби. Сето тоа е надополнето со двете победи во националниот куп, против екипите на Кожуф и Пелистер, како и триумфот на пенали во Суперкупот, забележан над тимот на Работнички.
 
Од најсилните европски лиги, најуспешен во оваа статистичка категорија е францускиот шампион ПСЖ, кој има 14 победи и ремија во низа, исто како Реал Мадрид и Баерн Минхен.