Македонија
29. September 2023 - 16:39

Утврден составот на Анкетната комисија за Онкологија

Собранието го утврди составот на Анкетната комисија која треба да покаже дали постои политичка одговорност за функционерите и медицинскиот кадар кои се вмешани во скандалот на Онкологија. Ова тело кое ќе брои 13 члена ќе го предводи пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Рашела Мизрахи, бидејќи опозицијата беше и иницијатор за формирање на комисијата. Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека иако на мнозинството го прифати нивното барање, оваа комисија требаше веднаш да се формира а не да се чека дури еден месец.

Мнозинството со поддршка за Анкетната комисија вели дека без политички калкулации ги прифатиле барањата на ВМРО-ДПМНЕ. Бараат ова тело до крај да ја заврши работата и да има разрешница на случајот.

Откако составот на Анкетната комисија го помина комисискиот филтер, на следната пленарна седница треба да добие зелено светло од сите пратеници. 

Инаку одлуката за Анкетната комисија беше донесена на 20 септември по предлог на опозицијата, откако Јавното обвинителство на почетокот на месецов отвори предистражна постапка за наводите за злоупотреба на лекови на Клиниката за онкологија. По реакциите на јавноста и протестите, обвинителството врши и распити на пациенти и нивни блиски кои имаат сознанија за работењето на клиниката.

Тим од обвинителството веќе беше во посета на косовските колеги за да обезбеди докази, откако во јавноста излегоа информации дека наместо за македонските пациенти, терапијата завршувала на Косово, а дел и во Албанија. Ваква средба најавија и со албанските обвинители.