Македонија
19. February 2025 - 16:35

Уставните судии неодлучни – дали зголемениот праг за независните листи се уставни?

Уставен на денешната седница не решаваше за измените на Изборниот законик со кои драстично се зголеми прагот за независните листи. Четворица судии сметале дека Уставен треба да ја оценува уставноста на овие измени, додека четворица биле против. За иднината на независните листи конечна одлука ќе се носи на следната седница.

Иницијативата е поднесена од шест граѓански организации кои стравуваат дека со овие измени независните кандидати за градоначалници, советници или пратеници ќе заминат во историјата. Наместо досегашните 1000 потписи за кандидатура, од следните избори на независните кандидати ќе им бидат потребни 3 до 4 пати повеќе. За влез во Градот Скопје на пример ќе бидат потребни над 4500 потписи, што е повеќе и од потребниот број гласови за едно советничко место.

Затоа сметаат дека со ваквите измени се прекршени повеќе членови на Уставот, а граѓанските организации се дискриминарани за разлика од политичките партии. Во иднина полесно ќе биде да се регистрира политичка партија, отколку да се кандидира на избори без партиска книшка.

Изборниот законик беше променет во март минатата година, на предлог на СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, едногласно и по скратена постапка.