Украина, Блискиот Исток, Сахел и Судан главни теми на денешниот Совет за надворешни работи на ЕУ

Руска агресија врз Украина, ситуација на Блискиот Исток и случувањата во регионот на Сахел и во Судан ќе бидат главни теми на денешното заседание на Советот за надворешни работи на Европската Унија во Брисел, со кое ќе претседава високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас.
Состанокот ќе започне со размена на мислења преку телеконференциска врска на шефовите на дипломатиите на земјите членки на ЕУ со нивниот украински колега Андриј Сибиха, кој ќе ги информира за ситуацијата на терен и за најитните приоритети на Украина.
По ова ќе следи дискусија на европските министри, која, според најавите, ќе биде фокусирана на начините за зголемување на притисокот врз Русија, особено преку мерки против т.н. флота во сенка со цел кратење на приходите од извозот руски енергенси.
Министрите ќе бидат информирани и за подготовките на следниот пакет рестриктивни мерки кон Русија од страна на претставникот на ЕУ за санкции, Дејвид О’Саливан.
Во продолжени европските министри за надворешни работи ќе разговараат за ситуацијата на Блискиот Исток. Во тој контекст ќе стане збор за безбедносните аранжмани на ЕУ во Газа преку нејзините мисии за поддршка на контролата на граничниот премин Рафа и за обука на локални палестински полицајци.
Во рамки на оваа точка се очекува да стане збор и за поддршката на ЕУ за обновата на Газа, како и за напредокот на Палестинската автономна управа во нејзината реформска агенда, одржувањето на фискалната стабилност и економското закрепнување на Западниот Брег.
Министрите по ова ќе имаат работниот ручек со нивни колеги од членки на Асоцијацијата на државите од Југоисточна Азија (АСЕАН), на кој ќе бидат разменети мислења за односите меѓу двата блока.
Во попладневното продолжение на Советот, министрите за надворешни работи на ЕУ ќе разговараат за случувањата во регионот на Сахел и за ситуацијата во Судан.
Во однос на Сахел, кој се соочува со безбедносни предизвици, драматична хуманитарна ситуација, преобликување на регионалната архитектура и раст на влијанието на странски актери кои поттикнуваат антизападни наративи и антиевропски чувства, министрите ќе разговараат за нов пристап на ЕУ кон регионот, имајќи ги предвид спецификите на поединечните земји и почитувајќи ги интересите на Унијата, пред се во однос на безбедноста, миграцијата и просперитетот.
Во врска со Судан, министрите ќе разговараат за заземањето на Ел Фашер од страна на паравоената група Сили за брза поддршка (РСФ), за извештаите за масакри врз етничка основа извршени од нејзини припадници, како и за хуманитарната поддршка.
Се очекува министрите да разменат мислења и за неодамнешните случувања во Судан во врска со кршењата на човековите права и можниот одговор на ЕУ на ваквите појави, како и за поддршката на дијалогот меѓу суданските цивилни политички групи.
Под точката „останати прашања“, Шпанија ќе ги информира министрите за резултатите од 10-тиот Регионален форум на Медитеранската Унија, Литванија за хибридните напади од страна на Белорусија врз нејзината територија, Франција за предлогот за создавање на Рамка на ЕУ за санкции на лицата поврзани со организираниот криминал, а Холандија за контролата и извозот на чипови.
Советот треба да усвои и два сета заклучоци и тоа за Пактот за Медитеранот и за Меѓународната дигитална стратегија.
Во вторникот Грција најави дека на Советот ќе презентира своја иницијатива за европската перспектива на земјите од Западниот Балкан, во рамки на позиција на Атина за интеграција на регионот во ЕУ, под услов дека се почитуваат и исполнуваат условите за почитување на европското законодавство и за владеењето на правото.
Во пресрет на денешниот Совет, синоќа високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас беше домаќин на неформална вечера со шефовите на дипломатиите на шесте земји кандидати и потенцијални кандидати за членство во Унијата од Западниот Балкан на која учествуваше и министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски.
Инаку, по завршувањето на заседанието на Советот, ќе започне Министерскиот форум ЕУ-Индо-пацифички регион, кој ќе продолжи и утре.
МИА
Ново на Сител
-

Приведен 47-годишник од делчевско управувал возило под дејство на алкохол и излетал од патот
-

Пазарниот инспекторат откри поголема количина шверцувани производи од тутун
-

Девојка од Србија пријавила возач на такси во Скопје за допирање по телото и бакнување
-

Вработени и пациенти на Онкологија сведочеа за случајот со незаконска набавка на лекови
-

Данска противник на македонската репрезентација во полуфиналето на плејофот за СП 2026
-

Австрија воведува забрана за шамии во училиштата за девојчиња под 14 години
-

Пожарникарите од Старо Нагоричане спасија куче паднато во шахта
-

Во железничка несреќа во Чешка повредени 57 луѓе
