Уапсени двајца 18-годишници во Скопје за палење огномет во денови на жалост
Двајца 18-годишници се уапсени откако запалиле огномет од ресторан во Скопје. Прогласените денови на жалост поради трагедијата во Кочани, не ги предомислило да направат забава за роденден.
„Утврдено е дека во угостителски објект во градскиот парк била организирана роденденска прослава, при што од страна на М.Ф. (18) и М.Ф. (18), двајцата од Скопје бил запален огнометот. Тие се лишени од слобода и задржани во полициска станица во врска со чл 387 од Кривичниот законик, а по документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава“, велат од МВР.
Ќе се гонат за отпор или непослушност спрема законити одлуки или мерки на државен орган.
Но, ова не е единствениот случај. На полноќ, вечерта вторник спрема среда, огномет бил пуштен и од Бутел. И тоа од сред булевар. Од видеото објавено на социјалните мрежи од Коха, се гледа како две лица ја палат пиротехниката и потоа бегаат со мотор.
Црни траги на асвалатот и остатоци од огнометот се уште стојат на булеварот. Дел од жителите од околните згради ни рекоа дека стравувале да не им заврши огнометот дома или на тераса. Дел, пак, слушнале само звуци, ама се исплашиле да не е престрелка со пиштоли и не излегле да видат.
„Слушаме честопати се случуваат тука пукања, дали се пиштоли или не, не знам. И завчера имаше и тоа јако пукање, ама ми беше страв да излезам и не видов. Навечер беше околу 12. Секогаш тоа време се случува. Јас долу живеам на приземје и многу јако се слуша. Верувам дека и горе комшиите слушнале. Се исплашив, како не, па за плашење е“ – Снежана Симоновска, жителка на Бутел
Полицијата работи на расчистување на случајот.
„Извршен бил увид од увидна екипа на СВР Скопје, а кутијата од употребените пиротехнички средства била подигната за понатамошна постапка“, пишува во билтенот на МВР.
Владата во неделата прогласи 7-дневна жалост на територија на целата држава по трагедијата со 59 жртви во пожарот во кочанската дискотека. Повика секој да се придржува до одлуката, бидејќи казните за непочитување ќе бидат ригорозни.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар