Тутунарите со свои очекувања
Годинава откупувачите склучиле 16.800 договори за откуп на 26 милиони килограми, но според проценките на тутунарите тутун ќе има само околу 17 милиони килограми. Ќе откупуваат 10 откупувачи на 298 пунктови низ Македонија. Лани просечната цена беше 365 денари по килограм, а годинава тутунарите бараат таа да бисе повисока. Министерот за земјоделство денеска изјави дека цените биле договорени со претходните договори. Без конкретно ветување дали ќе има годинава зголемување на цените и колкава ќе биде тоа.
„Во делот на цените кои се по класи, тие знаете дека се дефинирани со самото склучување на договорите, првата класа е 375 денари, втората 300, третата 240, а дополнителната 115 денари. Она што можам да го ветам како министер е дека заедно со Земјоделскиот инспекторат како надлежна институција во делот на контролата и следливоста на откупот на тутун ќе бидеме максимално фокусирани, затоа што навистина на земјоделците треба вистински да им се вреднува трудот и да биде исплатено“, рече Цветан Трипуновски, министер за земјоделство.
Новиот директор на Тутунскиот комбинат во Прилеп Александар Алексоски денеска истакна дека Комбинатот веќе бил подготвен за откуп.
„Тутунски комбинат Прилеп е целосно подготвен да го започни откупот, имаме подготвени 26 откупни центри што непречено можат да го започнат откупот уште утре“, вели Александар Алексоски, директор на Тутунски комбинат Прилеп.
Но дали тутунарите ќе го добијат бараното зголемување ќе се знае во периодот кој следува.
-
Дарко Штарговски
Сите содржини од овој новинар