Технологија
23. September 2019 - 8:48

Турскиот прототип на летачки автомобил сѐ поблиску до својот прв лет

Турскиот прототип на летачки автомобил, дизајниран од турскиот производител на беспилотни летала „Бајкар“, е близу до својот прв лет, изјави директорот за технологија во компанијата Селчук Бајрактар.

– За комерцијализирање на летачкиот автомобил, именуван како „Џезери“, ќе бидат потребни од 10 до 15 години, изјави Бајрактар за агенцијата Анадолија (АА) на Саемот за воздухопловство, вселена и технологија во Истанбул – „Технофест“.

– Тоа е еден вид голем дрон, и мора да биде доволно едноставен за да го управува кој било, подвлече Бајрактар.

– Додека за пилоти се потребни посебни дозволи, медицински извештаи и обуки, летачкиот автомобил мора да биде и доволно паметен за да може да го користи секој, додаде тој.

– Летачкиот автомобил е тема на иднината, рече Бајрактар и нагласи дека досега се направени неколку студии и тестирања на меѓународно ниво за летачките таксија.

„Турција треба да ја развива технологијата“

Во врска со „Акинџи“ – новото вооружено беспилотно летало на компанијата „Бајкар“, истакна дека во тек се тестирања и оти се очекува леталото да започне со летови во октомври.

Додаде дека компанијата „Бајкар“ ќе соработува со Украина за заедничко производство на моторите за „Акинџи“.

Бајрактар истакна дека „Технофест“, фестивал што може слободно да го посети секој, претставува еден уникатен фестивал во светски рамки.

„Технофест“ не е само воздухопловно шоу или саем на технологија, туку има за цел да ја промени парадигмата во општеството од 7 до 70 години“, рече тој, и додаде дека овој фестивал ги подготвува младите за технологиите на иднината.

Нагласувајќи дека иницијативата на Турција за развој и унапредување на националната технологија треба да го мобилизира општеството, Бајрактар вели дека земјата мора да го поплочи патот за претприемачите.

– Со турскиот народ, кој се приспособува на користењето технологија, државата треба да тежнее кон што поголеми истражувања и што поголем развој, рече Бајрактар, кој е и челник на турската Фондација на технолошкиот тим.

„Технофест“ – Истанбул

Аеродромот „Ататурк“ во Истанбул беше домаќин на шестдневниот фестивал, во заедничка организација на Фондацијата на турскиот технолошки тим и Министерството за индустрија и технологија. Агенцијата Анадолија е глобален комуникациски партнер на фестивалот.

Фестивалот може да се пофали со низа активности како авијациски шоуа, семинари, работилници, шампионат на дронови, разни натпревари и концерти.

Минатогодишниот фестивал, чиј домаќин беше новиот Аеродром Истанбул, го посетија над половина милион луѓе. Оваа година се очекува двојно поголем број, односно милион посетители.