Трамп заминува во долга азиска турнеја
Американскиот претседател Доналд Трамп кон крајот на неделава почнува долга и чувствителна турнеја по Азија, на која ќе доминира прашањето за севернокорејската нуклеарна закана.
По стапувањето на функцијата, на Трамп тоа ќе му биде прва посета на Азија, а за време на 11-дневната турнеја ќе ги посети Јапонија, Јужна Кореја, Виетнам и Филипини.
Покрај учеството на повеќе регионални самити, американскиот претседател ќе оствари и низа значајни средби, пред се со кинескиот претседател Кси Џинпинг, но и со контроверзниот филипински претседател Родриго Дутерте.
Белата куќа нагласува дека траењето на патувањето, а станува збор за најдолга азиска турнеја на еден американски претседател уште од времето на Џорџ Буш во 1991 година, претставува знак на ангажман и одлучност за развој на односите со тој дел на светот.
По денешното кусо запирање на Хаваи, Трамп во недела ќе допатува во Јапонија, каде со јапонскиот премиер Шинѕо Абе ќе се сретне на нова партија голф. На овој настан, ќе им се придружи и професионалниот голфер Хидеки Мацујама, кој во моментов е четврти на светската листа. Трамп се надева дека со разговорите со јапонскиот премиер ќе го зацрвсти сојузот меѓу двете држави, во време кога многу светски лидери се оградуваат од него, пред се поради ставовите за Иран и климатските промени.
- Блиските односи на Јапонија и САД се многу важни, посебно во светло на севернокорејската нбуклеарна и ракетна закана, изјави неодамна Абе. Трамп и Абе во лицето на Северна Кореја имаат заеднички непријател, но дел од медиумите пишуваат дека е можно Јапонија да мора да ја плати цената на тоа пријателство на други полиња, на пример на економското.
По Јапонија, на 7 и 8 ноември Трамп ќе престојува во Јужна Кореја, каде нема да се упати кон демилитаризирана зона на границата меѓу Северот и Југот, како што тоа го правеа неговите претходници. Се очекува посебно внимание да предизвика неговиот говор во јужнокорејскиот Парламент. Сеул се надева дека Трамп ќе ја потврди силината на нивниот сојуз, во време кога Пјонгјанг со големи чекори се движи кон остварување на своите нуклеарни цели.
Сепак, аналитичарите оценуваат дека во Јужна Кореја постои стравување дека Трамп може да ја води земјата во воен судир, кој би бил бескорисен и избрзан. На Јужнокорејците, кои заговараат дијалог со Северна Кореја, не им се допаднаа жестоките закани на Трамп упатени преку Твитер до Пјонгјанг. Од друга страна, Трамп смета дека Сеул зазема премногу благ став.
- Јужна Кореја станува свесна, како што и јас и кажав, дека не дејствува нејзиното попуштање, напиша Трамп на Твитер.
По Сеул, од 8 до 10 ноември на ред е Пекинг. Таму Трамп ќе има средба со кинескиот претседател Кси Џингпинг, кого неодамна го нарече „моќен човек“. За разлика од агресивната реторика за време на предизборната кампања за проблемот со кинеската трговија, сега Трамп е многу повнимателен во изјавите на оваа тема. Тој ќе се обиде да го убеди Кси да заземе многу поцврст став кон Северна Кореја.
- Во минатото САД беа многу моќни, па сметаа дека Кина мора да слуша, изјави професорот Џиа Кванџио од Пекиншкиот универзитет.
- Тоа веќе не е случај, оцени тој.
- Тоа би можела да биде нивната најголема разлика, вели Џиа.
Аналитичарите оценуваат дека во моментов Трамп доаѓа како „послаб играч“, посебно по зацврстувањето на позицијата на Кси на неодамнешниот конгрес на Комунистичката партија. Повеќе резултати од оваа средба се очекуваат на полето на економската соработка. Со него, во Кина доаѓаат претставници на бизнис - заедницата, главно од енергетскиот сектор. Се очекува Трамп и Кси да потпишат договори за инвестирање вредни милијарди долари, што би можело да го зајакне имиџот на Трамп во неговата земја и да придонесе за остварување на неговата цел - намалување на трговскиот дефицит со Кина.
Потоа, на 10 и 11 ноември, Трамп ќе престојува во Виетнам, каде во градот Да Нанг ќе учествува на средбата на врвот на Азиско-пацифичката економска соработка (АПЕК), собир од каде обично се промовира либерализација на трговијата. На овој Самит, Трамп ќе оствари средби со бројни светски лидери, вклучувајќи го и рускиот претседател Владимир Путин.
Турнејата ќе ја заврши со средба со контроверзниот филипински претседател Дутерто. На 12 и 13 ноември, тој ќе биде на Филипини, каде во Манила ќе улествува на втор регионален собир, оној на Сојузот на земји од југоисточна Азија (АСЕАН). И на овој Самит ќе биде присутен Путин.
Медиумите оценуваат дека се очекува прилично интересна средба на Трамп и Дутерто, кој е познат по крвавите пресметки со трговците на дрога.
- Одиме на Филипини, каде претходната администрација не беше добредојдена, изјави кон почетокот на неделава Трамп.
Ново на Сител
-
Сиљановска-Давкова, Мисајловски и Лафчиски на видео-конференциска врска со македонските мировници
-
Мексико: Се судрија автобус и камион, осум загинати, 27 повредени
-
Ново обвинение за струшкиот градоначалник, одземен му е пасошот и друга исправа за преминување граница
-
Трамп го повика Врховниот суд да го прекине спроведувањето на законот за забрана на ТикТок
-
Протестен марш против аерозагадувањето во Скопје
-
Словачка потврди дека се согласила да биде домаќин на евентуални мировни преговори за Украина
-
Намалени и цените на дел од основните прехранбени производи што не се дел од Новогодишната кошничка, Владата продолжува да ја следи ситуацијата
-
Собранието го донесе Законот за учебници, усвои и повеќе закони од различни сфери