Свет
14. December 2020 - 14:21

Трамп одби неговиот кабинет да биде меѓу првите што ќе се вакцинираат против коронавирусот

Претседателот на САД, Доналд Трамп, сугерираше дека високи претставници на Белата куќа не треба да бидат меѓу првите приоритети за вакцина против коронавирусот.

Во јавноста се појави информација дека персоналот на Белата куќа ќе биде меѓу првите што ќе ја примат вакцината, но Трамп го демантираше тоа на „Твитер“ и напиша дека вакцината ќе ја примат подоцна, освен ако тоа не е неопходно.

„Побарав да се направи таа промена. Јас не сум по распоред да примам вакцина сега, но со нетрпение ја очекувам во вистинско време. Благодарам“, се наведува во изјавата на американскиот претседател, пренесува „Ројтерс“.

Агенцијата претходно објави дека на Трамп, на потпретседателот Мајк Пенс и на други врвни американски претставници ќе им биде понудена приоритетна вакцинација против коронавирус, која започнува денес, како дел од планот насочен кон обезбедување континуитет на владата.

Според тој план, во наредните 10 дена треба да се вакцинираат најважните вработени во Белата куќа и одредени службени лица во сите три гранки на власта, пренесува Танјуг.

Портпаролот на Советот за национална безбедност Џон Улиот изјави пред твитот на Трамп дека високи функционери од извршната власт, Конгресот и судството ќе ја примат вакцината во согласност со протоколот кој има за цел да обезбеди дека американската влада може да продолжи да работи за време на пандемија или вонредна состојба.

„Американскиот народ треба да има доверба и да ја прими истата безбедна и ефикасна вакцина како и високите претставници на американската влада по совет на експерти за јавно здравје и директори на национална безбедност“, рече Улиот во изјавата.

Исто така, сè уште не е познато дали на новоизбраниот претседател Бајден и на членовите на неговиот тим ќе им биде понудена вакцинација според приоритетот, наведува агенцијата.