Тестови за дрога на лице место заострување на казнената политика: Јавна расправа во Собранието по усмртувањето на Фросина
Тестови за дрога на лице место, одземање на возило на возачи кои немаат положено, криминализирање на тешко сообраќаајни прекршоци, заострување на казнената политика.
Ова се дел од предлозите кои им беа дадени на пратениците за време на Јавната расправа за безбедност во сообраќајот, откако 22-годишната Фросина Кулакова настрада на партизанска.
За три години полицијата фатила над 30.000 возачи кои управувале моторно возило без притоа воопшто да имаат положено за возачка дозвола.
Министерот за внатрешни вели, кога системот не казнува, тогаш добиваме генерации кои мислат дека можат да прават што сакаат, без последици. Според него, најдобро можно решение е дигитализација и исфрлање на човечкиот фактор.
- Казните колку и да се високи на хартија не значат ништо, ако тие не се изрекуваат, а уште помалку ако не се спроведуваат. Ние мораме да го разбиеме овој систем на компромиси и полуправда, односно, ако ме прашате мене, целосна неправда. Потребен ни е систем кој ќе овозможи ефективна контрола и строги санкции, вели Тошковски.
Министерот за правда, пак, вели дека мора да се направи анализа на постојната законска регулатива. Според него, потребно е казните да бидат соодветни за да ги натераат возачите да ги почитуваат правилата во сообраќајот.
- За сторители кои по третпат ќе се најдат на суд, а во случаи на сериозни прекршување како што се возењето под дејство на алкохол или прекумерна брзина, судот подразбира престанок на важење на возачката дозвола. Ова ќе значи дека возачот нема да може да стекне нова возачка дозвола додека не помине една година од правосилноста на пресудата. Оваа казна има за цел да спречи понатамошни трагични настани на патиштата, вели Филков.
Експертите предупредуваат, заострувањето на казнената политика во некои случаи може да има и обратен ефект. Таков е случајот за кривично дело - полов напад врз дете. Со зголемување на казните, се зголемиле и такви случаи. Но се согласни дека „Безбеден град“ би можел да даде резултати.
- Станала пракса на возење без возачка дозвола. И тоа едноставно не смее да ни се случи и сите ќе бидеме многу посреќни и побезбедни откако ќе почне овој систем на „Безбден град“. Зошто? Прво зошто софтверски ќе се детектира прекршокот, тука нема многу можност за… знаете како беше досега? Мојот збор против вашиот збори. Е сега ќе имаме документ кое тоа ќе го потврди. Значи, ќе имаме софтверско решение, вели професорката Гордана Лазетиќ.
Сѐ уште се чека вештачењето кое треба да ја утврди точната брзина со која 20-годишникот Васил Јованов го управувал возилото. Тој со алкохол во крвта и поминувајќи на црвено ја усмрти 22-годишната Фросина Кулакова.
За утре најавен е протестен марш во Неготино, а организаторите апелираа до угостителсите објекти да не ангажираат бендови и да не пуштаат гласна музика.
-
Даниел Василев
Сите содржини од овој новинар