Македонија
10. February 2025 - 12:20

Телешко месо во месарите по цена од над 800 денари за килограм, а фармерите со „кратки ракави“

Телешко месо во маркетите и месарите се продава по цена од вртоглави од 800 до 1200 денари за килограм. Фармерите не се согласни со енормната разлика во цената по која од нив се откупува месо на жива мера, која изнесува скромни 180 до 200 денари за килограм и која останува непроменета неколку години наназад.

-Во маркетите и самите ние гледаме дека е висока, превисока. Едно теле што ќе го продадам, од да речеме 300 кг, од кое најмалку рандаман има 150 кг или 50%. Ако е 50 % , а тој го купи по 200 денари, цената треба да биде 400, еве нека биде 600 денари, нека биде и за нив исплатливо, но тие го продаваат над 800 денари. Значи, тоа е ненормално, изјави Ване Штерјов, фармер.

Штерјов додава дека трговците се богатат на грбот на производителите.

Изгледа дека Законот за 10 % маржа само ние го почитуваме, производителите и затоа што мораме. Многу пати губиме, ама јас ако изгубам не можам да ја уништам фармата со 60 грла, додаде Штерјов.

Сите давачки кон државата се на товар на одгледувачите, субвенциите цела година не им се исплатени, а за машко теле се укинати.

Не само што ги укинаа, ни земаат од џебот. Обетките беа пред 2-3 години, 180-200 денари, сега се 500 денари, дури велам скриена камера ли е ова, што е причината до толку да се покачи, изјави Штерјов.

Во последно време се бележи и пораст на цената на сточната храна.

-Сите велат јачменот е 10 денари, не е, 16 денари е за килограм и со таа цена не можеме. Пченката е 16 денари, а плус ја нема, ја извезоа во Грција ли, каде и немаме, додаде Штерјов.

Најголем проблем е што младите луѓе не се заинтересирани за работа на фарма,  што во идинина ќе резултира со десеткување на сточниот фонд во земјата.