„Текстилијада 2025“- проблеми во текстилниот сектор
Модернизација на приватниот сектор, посебно во текстилната индустрија, строга казнена политика кон работодавачите кои не ги почитуваат работничките права, се теми на дискусија на деветата по ред „Текстилијада“ во Штип. Во последниот период затворени се неколку производствени погони, претежно со странски капитал, сопствениците немаат свои објекти и се под кирија, ги оставаат работниците без последните плати и си заминуваат.
-Сметам дека тоа ако се случи во една Германија или во која било друга земја каде владеат законите ќе го гонат сопственикот макар бил на „крајот на светот“, мораме тоа да го правиме и овде, изјави Кристина Ампева, Гласен текстилец- Штип.
Како главна пречка за спроведување на актуелните законски решенија, се институционалната непозврзаност, лошата координација на инспекциските служби и недостатокот на инспектори на терен.
-Имаме и кадровски проблеми, недостаток на кадар, меѓутоа мора да се води сметка дека и самата казнена политика е доста блага во моментот и таа треба да се адаптира на состојбите, така што и од тој аспект кога ќе се доведат состојбите во една солидна рамка може да очекуваме солидни резултати, изјави Миле Стојановски, државен советник за трудови политики.
Текстилниот сектор е во незавидна положба и бара институционална поддршка.
-Ако земеме од сите мерки кои во моментот ги нуди Министерството за економија и труд и надлежните институции под Министерството, вкупно 80 компании на ниво на Р. Македонија, зборувам исклуќиво за текстилни компании, ќе ги користат овие мерки, со што ќе се овозможи подобрување на технологијата, производствениот процес, конкурентноста, извозот на овие компании, заштитата на животна средина и секако отворање на нови работни места, изјави Марјан Ристески, заменик министер за економија и труд.
Денес и утре на „Текстилијадата“ ќе се дискутира и за корупцијата, проблем што го еродира секој напредок, ја поткопува правдата и ја задушува надежта за фер и достоинствен живот.
-
Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар