Тајмс: Северна Македонија во преговори за прием на азиланти - Владата негира, амбасадата ниту потврдува, ниту демантира
Владата негира, британската амбасада ниту потврдува, ниту демантира дека Македонија и формално е во преговори со Велика Британија за прием на баратели на азил во Обединетото Кралство, чие барање е одбиено.
Ова доаѓа откако вчера британски Тајмс објави дека Скопје влегло во формални преговори со Лондон како дел од Договорот кој двете држави го потпишаа.
Според пишувањата на Тајмс, Британија ќе ѝ плати на Македонија за секој примен мигрант.
-Барателите на азил ќе бидат депортирани и ќе им биде понудена шанса да побараат азил во Северна Македонија, но нема да бидат ниту задржани, ниту ќе имаат рестрикции на движење, со што ќе бидат слободни да ја напуштат државата доколку тоа го сакаат. Тие ќе бидат поттикнати да бараат азил или да добијат работна виза во сектори кадешто има голем недостаток, какошто е градежништвото, пишува Тајмс.
Ставот на Владата е дека објавата на весникот била исклучиво за внатрешна политичка потреба.
-Ваквиот напис е за внатрешна политичка потреба, а што се однесува до вистината за оваа тема, таа е кажана од страна на амбасадорот на Обединетото Кралство Н.Е. Метју Лосон, кој јавно на прес-конференција кажа дека на таа тема никогаш не се разговарало и дека нема такво нешто, ни кажа портпаролката на Владата, Марија Митева.
Доцна синоќа се огласи и британската амбасада преку Фејсбук, но ниту ја потврдија, ниту ја демантираа информацијата на Тајмс. Оттаму велат дека по средбата на двајцата премиери Стармер и Мицкоски се постигна Стратешко партнерство фокусирано на долгорочни политики, економски и безбедносни рамки дизајнирани да ја продлабочат соработката и да ги зајакнат стабилноста и просперитетот во двете држави.
-Како дел од ова, Велика Британија и Северна Македонија потпишаа партнерства Влада со Влада за да испорачаат критични инфраструктурни проекти во Северна Македонија. Оваа соработка беше зајакната од двајцата премиери на Берлинскиот процес на кој Велика Британија беше домаќин оваа година. Дополнително, двете нации соработуваат преку Заедничката работна група за миграција за борба против нерегуларната миграција и организираниот имиграциски криминал, зајакнување на безбедноста и справување со криминалните мрежи. Ние цврсто стоиме покрај нашиот сојузник, Северна Македонија во НАТО за унапредување на просперитетот, безбедноста и економскиот раст, велат од Британската амбасада во земјава.
Ова не е првпат Македонија и останатите држави од Западен Балкан, како Косово и Босна и Херцеговина да се споменуваат во британските медиуми како можни дестинации каде нивната Влада би ги испраќале барателите на азил чии барања се одбиени.
Лондон имаше неуспешен обид тоа да го направи во Руанда. Двете држави иако потпишаа договор, Врховниот суд во Британија го прогласи како незаконски. Мигрантската криза е една од најжешките политички теми во Обединетото Кралство, особено откако во 2023 забележан беше влез на речиси еден милион нелегални мигранти.
Премеирот Стармер, кој со државата раководи од лани, донесе повеќе мерки делумно инспирирани од данскиот модел, како што се привремен статус на бегалец, ограничување на правата за семејно обединување, зголемување на праговите за плата за работни визи и сузбивање на нелегалното вработување.
-
Даниел Василев
Сите содржини од овој новинар
