СЗО алармира: Дебелината кај децата четирикратно зголемена од 1990 година

Бројот на деца и адолесценти со дебелина во светот од 1990 година досега е зголемен за четири пати, покажуваат најновите податоци на Светската здравствена организација.
СЗО денеска објави дека во 2024 година 170 милиони млади луѓе на возраст меѓу пет и 19 години живееле со дебелина. Зачестеноста на дебелина во оваа возрасна група се зголемила од два проценти во 1990 година на осум проценти во 2024 година. Од вкупниот број, 70 милиони се деца на возраст меѓу пет и девет години, а 100 милиони се адолесценти на возраст меѓу 10 и 19 години.
Овие податоци беа објавени заедно со првите упатства на СЗО за третманот на дебелината кај деца и адолесценти. Организацијата препорачува структурирани програми фокусирани на исхрана, физичка активност и промени во животниот стил.
Во упатствата се наведува дека лековите за слабеење и баријатриската хирургија не треба да се користат кај децата под деветгодипна возраст. За адолесцентите, на возраст меѓу 10 и 19 години, одобрените лекови може да се земат предвид само ако пропишаните програми за промена на животниот стил не даваат резултат. Баријатриската хирургија е дозволена само во случаи на тешка дебелина и под строги услови.
СЗО предупредува дека дебелината од рана возраст го зголемува ризикот од развој на болести како што се дијабетес тип 2 и кардиоваскуларни проблеми. Организацијата, исто така, ги истакна последиците врз менталното здравје, кои вклучуваат стигматизација, насилство од врсници, анксиозност, депресија и ниска самодоверба. Затоа, се препорачува физичкото и менталното здравје да се третираат истовремено.
Д-р Луз Марија Де Регил, директорка на Одделот за исхрана и безбедност на храната во СЗО, објасни дека пристапот кон третманот мора да биде сеопфатен.
„Основата на третманот на дебелината кај децата и адолесцентите не се лекови или операција, туку пристап до сеопфатна поддршка што овозможува здрава исхрана, физичка активност и одржлива промена на однесувањето“, рече таа.
Таа додаде дека приоритет мора да биде обезбедување пристап до квалитетна здравствена заштита и стимулирачка средина за секое дете од рана возраст. Ова им помага да постигнат и одржат здрава тежина, што создава основа за доживотно здравје и благосостојба.
СЗО нагласува дека третманот мора да вклучува повеќе од само губење на тежината. Фокусот треба да биде на целокупното здравје и функционалност, преку долгорочна грижа прилагодена на децата и нивните семејства. Сепак, тие предупредуваат дека само третманот не е доволен за да се спречи ширењето на дебелината и повикуваат на мерки за да се направат здравата храна и физичката активност подостапни и поприфатливи за сите.
МИА
Ново на Сител
-

Мајка на три сина сакала девојче, останала бремена со тројка – сите три бебиња се од машки пол
-

Муцунски во Софија за Коридорот 8 и нова шанса за деблокада на европскиот пат
-

43 години копале со раце: Извадиле речиси три тони дијаманти, а зад себе оставиле кратер длабок над 200 метри
-

МВР го пронајде и казни возачот кој блокираше сообраќај во центарот на Скопје
-

Денеска средба Муцунски - Петрова во Софија
-

Трамп: Заслужувам Нобелова награда за мир, но се сомневам дека ќе ја добијам
-

Македонија над европскиот просек: Кај нас има повеќе работоспособни луѓе отколку во ЕУ
-

Европските демократии се под закана како никогаш досега, вели германскиот претседател
