Стотина прехранбени производи еден месец ќе имаат ограничена бруто профитна маржа до 10%
Лебот, пекарските и млечните производи, месото, овошјето и зеленчукот, шеќерот, брашното и зејтинот се дел од стотината продукти кои ќе се продаваат со ограничена бруто профитна маржа до 10%. Министерството за економија во консултација со сите засегнати страни ја направи математиката и на Владата и го доставила предлогот за есенската кошничка.
Министерот Дурмиши очекува за мерката да се дискутира на следната владина седница.
„За еден месец ќе биде таа одлука, како есенската потрошувачка кошница, така натаму ќе правиме и божиќна кошница, рамазанска, велигденска итн. Поради тоа што се знае дека во овие временски периоди секогаш трговците ги зголемуваат цените, така ние да им излеземе во пресрет на граѓаните ги правиме овие мерки“ – Бесар Дурмиши, министер за економија и труд
Опозициската СДСМ критикува. Според нив, намалувањето на маржите не е решение, а владата нема ниту желба ниту концепт да ги намали цените.
„Ако Владата не знае, тогаш СДСМ ќе даде конректен предлог закон со кој проверено ќе заштедат сите граѓани и ќе се амортизира ценовниот шок, додека компаниите нема да сносат штети“, велат од СДСМ.
За десетина дена треба да профункционира и законот за нефер трговски практики. Трговците имаа 6 месеци да се прилагодат и да склучат нови договори со производителите и добавувачите, со кои, покрај органичен рабат, трговците веќе нема да смеат да наплаќаат дополнителни трошоци за маркетинг, репрезентација, како и за истакување одреден производ на полица.
„Законот за нефер трговски практики при крајот на овој месец ќе стапи на сила и со него очигледно ќе се намалат цените, ќе се стабилизираат цените особено на основните производи, а ќе се нормализира и инфлацијата“ – Бесар Дурмиши, министер за економија и труд
Со растот на инфлацијата во изминатите години, минималната потрошувачка кошничка за едно четири члено семејство надмина илјада евра со што двајца вработени на минималец не може да ги покријат најосновните месечни трошоци.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар