Спречен незаконит риболов во Охридското Езеро
Повеќе рибарски мрежи во вкупна должина од околу 500 метри, близу триесет килограми разна риба и стотина примероци риболовен алат, прибор и друга опрема, се пронајдени и одземени при патролите на Полициската станица за граничен надзор „Охридско езеро“ спроведени во текот на минатиот месец.
Во неколку одделни акции на околу еден километар од граничната линија во близина на Радожда, во македонските територијални води се затекнати пет лица - албански државјани во нелегален риболов. Притоа, тие ги фрлиле мрежите и целокупниот рибарски алат и со чамецот се обиделе да пребегаат. Поради илегален премин на државната граница и незаконит риболов, тие биле запрени од полициските службеници по што од нивните чамци одземен е улов од риба-пастрмка и белвица, метални канџи и друга рибарска опрема.
Во незаконит риболов во водите на Охридско Езеро затекнати се и седум македонски државјани-шестмина од Охрид и еден од Скопје. Двајца од нив со рибарска мрежа од околу 40 метри и со нерегистриран чамец ловеле на околу 500 метри од градското пристаниште. Уловената риба-белвица заедно со мрежата и целокупната опрема е одземена. На потегот помеѓу Пештани и Свети Наум полициските службеници пронашле една висечка рибарска мрежа во должина од сто метри и поголема количина охридска белвица. Во две одвоени патроли, скопјанец и охриѓанец, се затекнати во лов на риба-крап со недозволено средство - подводна пушка (харпун).
Акциските контроли на Езерската полиција се реализираат по целата должина на езерската гранична линија, но и во останатиот дел од територијалните води на езерскиот басен.
Согласно Законот за внатрешна пловидба, а поради непочитување на забраната за движење на пловни објекти, против четири лица поднесени се прекршочни пријави што се проследени до Капетанија на пристаништа, како и четири кривични пријави за незаконит риболов.
Ново на Сител
-
Мицкоски: Да покажеме нескршлива волја во реформите и чекорите кои ќе обезбедат сигурност, стабилност и просперитет за граѓаните
-
Во Охрид Светиот крст го фати Мартин Гоџоски
-
Намалена видливост поради магла до 100 метри во Штип, Страцин, Битола и Прилеп
-
Минчев: Богојавление нè потсетува на значењето на верата, единството и љубовта меѓу луѓето
-
Истрага за недозволено држење оружје во Скопје, предложен притвор
-
Илон Маск и неговите „обиди за мешање“ во европската политика
-
Дејан Чиплаковски по трет пат го фаќа Чесниот Крст во Берово
-
Сиљановска-Давкова: Богојавление – Водици нека биде поттик за сите нас со верба да продолжиме по патот на љубовта и правдата