Македонија
29. January 2025 - 17:03

Според СДСМ задолжени се следните три поколенија, премиерот очекува унгарскиот кредит да го раздвижи стопанството

Со унгарскиот кредит власта ги задолжува граѓаните за следните три поколенија. СДСМ обвинува дека е склучен најлошиот договор со највисоки камати и скриени трошоци. По основ на неповлечени средства во изминатите 4 месеци, според економската анализа на опозицијата, државата веќе има исплатено провизија од над 600 илјади евра пари на граѓаните. 

За кредитот од 1 милијарда евра, државата ќе плати безмалку 500 милиони евра камати во следните 15 години – сума која можеше да се насочи кон училиштата, болниците или патиштата. Прашањето кое се поставува е, дали владата очекува дека економскиот раст ќе ги оправда овие половина милијарда евра камата? Ова е невозможно и реално тешко дека ќе се случи затоа што средствата наменети за стопанството, наместо да бидат инвестирани во нови производствени капацитети, ќе завршат за мали и краткорочни проекти кои немаат никакво влијание врз економскиот раст, вели Фани  Каранфилова – Пановска, заменик претседателка на СДСМ

Премиерот Мицкоски пак очекува кредитот од 250 милиони евра за инвестиции да го раздвижи стопанството. Компаниите добиваат кредити со најниски камати, што според премиерот ќе создаде инвестициски бран од минимум 300 милиони евра. 

Тука би ги додал и надворешните вложувања, странските инвестиции, коишто очекувам оваа година односно претходната година, 24-та со засилена динамика во втората половина да натфрлат една милијарда. Со што ќе бидеме по глава на жител и по процент од бруто-домашен производ најдобри во регионот. Повторно да се вратиме на тие патеки и логично сите овие индикатори консолидирање на буџетскиот дефицит и сето она приходите и слично, ќе резултира во коригирање во позитивна нагорна линија на прогнозите на меѓународните финансиски институции, како што тоа го направи да речеме Светска банка. Којашто најпрвин предвидуваше 1,8 за 2024, а доколку растот биде помеѓу 3,5 и 4 проценти на БДП во четвртиот квартал, секако тоа ќе оди во нагорна линија, па може да дојде и до 3 проценти на годишно ниво, нешто со коешто ќе бидеме навистина задоволни, односно ќе ги надмине и нашите позитивни очекувања“, објасни премиерот.

Од вчера владата ги стави парите од унгарскиот кредит на располагање на стопанството, преку сите комерцијални банки во земјава. Според договорот, комапниите ќе можат да земат до 10 милиони евра, со каматна стапка од 1,95%, три години грејс период и 15 години рок на отплата, со обврска да учествуваат со 20% од инвестицијата.