Македонија
30. March 2023 - 16:29

Советниците не ја отстапија Универзална сала на Министерството за култура

Град Скопје не и дозволи на Владата да ја догради Универзална. Иницијативата на СДСМ беше одбиена оти за неа зелено светло дадоа само 15 советници. На гласањето му претходеше тензична атмосфера со акцент на партиските препукувања.

„Град Скопје да го правиме дека е неспособен, а оние онде што ја имаат разбучкано цела Универзална и се она што го имаат разбучкано половина го имаат продадено по отпади за старо железо, бакар и благородни метали. Да правиме дека ние ги опструираме, а тие се чесни и ќе ја направат салата како што треба“, изјави Александар Трајановски, заменик-градоначалник на Скопје.

„Темата на иницијативата е дека Град Скопје е неспособно да ја изгради Универзална сала и го предава проектот на способното Министерство за култура. За што?! За некоја фирма огранок на Артан Груби да добие тендер да го изгради?! Па тоа не може така!“,вели Реџеп Исмаил, Левица.

Советниците прашаа и дали постојат гаранции дека Министерството за култура ќе ја реконструира Универзална, бидејќи вработените таму секојдевно протестираат за повисоки плати.

Пред седницата, градоначалничката рече дека не може таа да донесе одлука за предававање на салата.

„Универзалната сала е симболот на градот. Тоа не е одлука која што јас како градоначалник, ниту можам ниту сакам да ја направам. Истата поради несоодветно планирање и проектирање е соочена со бројни проблеми и сметам дека овие работи треба да се дискутираат“, изјави Данела Арсовска, градоначалник на Скопје.

Лани во ноември, министерот за локална самоуправа истакна дека има комплетна согласност со Арсовска за Универзална целосно да ја преземе Министерството за култура, но потоа од градот рекоа дека ќе чекаат официјално барање од министерството.

Објектот скапува отворен и разурнат, а градбата беше стопирана со образложение дека проектот не е безбеден. Оттогаш помина повеќе од една година, а нема ниту проект, ниту план да се прави.

Вторпат беше отрфлено и барањето на Арсовска за земање кредит за нови еко автобуси на ЈСП. Таа најави дека точката ќе биде на дневен ред на секоја следна седница, се додека не се изгласа.