Македонија
22. April 2021 - 8:25

Собранието ќе ја продолжи 39-та седница

Собранието денеска на пладне ќе ја продолжи 39-та седница, на чиј дневен ред се повеќе закони од различни области.

Пратениците вчера попладне расправаа за Предлогот за именување член на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Македонија. Гласањето за оваа точка дополнително ќе биде закажано.

Пратениците од власта и од опозицијата имаа спротивставени ставови за предлогот Андреј Тасев да биде член на РКЕ. Пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ истакнаа дека Регулаторната комисија за енергетика има задача да биде независна и да ги штити потрошувачите, а не, како што велат, да ги штити интересите на СДСМ. Според нив, СДСМ спротивно на законот ќе постави партиски функционер за член на Регулаторна комисија за енергетика.

Пратениците од СДСМ, пак, посочија дека Андреј Тасев е вистинскиот кандидат за ова место и забелешките на ВМРО-ДПМНЕ за нив се неосновани и необјективни. Тие нагласија дека Тасев има соодветно високо образование, работно искуство и е стручен за областа за која се предлага. Потврдија дека во два мандати бил член на Советот на Општина Дојран и работел, како што велат, за интересите на сите граѓани и бил претседател на УО на ЈПКД „Комуналец Полин“ од Стар Дојран.

На дневен ред на 39-та седница се повеќе предлог-одлуки за објавување јавни огласи и именување членови во повеќе институции, како Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Програмскиот совет на Македонската радио-телевизија,  Државната комисија за жалби по јавни набавки, Комисијата на Агенцијата за електронски комуникации…

Пратениците ќе расправаат и за Предлог-законот за изменување на Законот за данокот на добивка, за Предлог-законот за прогласување на дел од Шар Планина за Национален парк, како и за измените и дополнувањата на Законот за служба во Армијата на Република Македонија, сите во прво читање.

Како последна, 31. точка на дневен ред е интерпелацијата за работата на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, поднесена од група пратеници.