Македонија
24. February 2016 - 13:18

Со „Импровокација“ почнува серијалот театарски импровизации во охридскиот Народен театар

Актерите Никола Тодороски, Стрезо Стаматовски и Филип Кипровски утревечер воведуваат ново поглавје во работата на Народниот театар од Охрид. Тие преку првата изведба на претставата насловена „Импровокација“ ќе отпочнат со серијалот театарски импровизации како форма на изразување што досега не е видена не само во Македонија туку во поширокиот регион.

Како што беше појаснето на денешната прес-конференција, станува збор за претстава што концептуално е осмислена како интеракција меѓу актерите и публиката, отворена приказна што никогаш не се повторува, односно секое нејзино изведување претставува премиера сама по себе.

- Ова е новина во нашата куќа, форма невидена тука, театарски импровизации како модел, нешто што секогаш е различно...Ексклузивно ќе може да се види способноста на актерската екипа да твори претстава на лице место, заедно со самата публика, рече директорот на Народниот театар од Охрид Горан Стојановски, ословувајќи го самиот проект како „висококвалитетен либерален процес на целосно креативно разголување на актерите на сцената“.

Актерот Стрезо Стаматовски потсети дека театарската импровизација како форма е стара исто колку самиот театар, можеби порано и од почетоците на „комедија дел арте“.

- Тоа е форма во која ликовите, дејството, заплетот, околностите се случуваат на сцената, без претходен текст, сценарио... Актерите на сцената градат фузија со публиката за да оформат сцена. Секако има одредени задачи, игри, што се постауваат пред публиката, а таа  сугерира како да се одигра. Оттаму секоја претстава е премиерна, односно секоја игра е различна, нема повторување на театарската игра, рече Стаматовски.

Тој додаде дека тоа е забава пред се, односно дека театарската импровизација е забава, во која публиката се самозабавува, а на актерите им е дадена честа да ја демистифицираат магијата на создавање сцени во театарот.

Никола Тодороски рече дека ја дели фасцинацијата што е дел од еден ваков досега необработуван жанр на театарски израз на овие простори.

- Овој нов спектакл редовно ќе се биде дел од репертоарот на Охридскиот театар. За да се случи добра претстава на „Импровокација“ потребна се добри идеи, добри актери, добра публика, а наша задача е преку интеракција со публиката комплетната ситуација да ја издигнеме на некакво висококалорично енергетско ниво, рече Тодороски.

Актерската екипа изразува уверување дека овој серијал кабаретски претстави долго време ќе биде на репертоарот на Народниот театар од Охрид. Првата претстава од серијалот „Инпровокација“ ќе се игра утревечер на сцената на Центарот за култура „Григор Прличев“ од 20 часот.