Македонија
7. December 2023 - 17:02

Снимка од движењето на возилата отвора нови дилеми околу грабнувањето и убиството на Вања

Ако е точен временскиот код кој што го дава камерата во снимката која ја објави портал Икс, возилото со кое била киднапирана Вања било запалено уште пред 10 часот. 

На видеото во 5 минути до 8 часот се гледаат двете возила кои полицијата ги поврза со убиствата. Снимено е од камера која се наоѓала на објект во Визбегово. Во автомобилот Цитроен, кој се претпоставува дека бил сопственост на Жежовски, се превезуваат две лица, а во багажникот може да се забележи бел елемент кој би можел да биде вреќата за спиење во која била грабната Вања. Пред него се движи автомобил Рено Кангу, возило за кое министерот Спасовски потврди дека се користело во убиствата. 

Истата камера во 9 часот и 37 минути регистрира облак од дим во атарот на селото Бразда каде наводно бил најден и запалениот Цитроен. 

Ваквиот временски редослед само делумно се совпаѓа со информациите кои МВР тврди дека ги добило од уапсените лица иако има и делови кои се прилично нелогични и не се поклопуваат. 

Ако е точно дека возилото е запалено околу 9 и пол, а Вања е убиена претходно, станува прилично јасно дека киднаперите не можело да ги фати паника за да го извршат убиството бидејќи пред 9 часот, за исчезнувањето на Вања јавноста не знаеше ништо. Случајот во полиција мајката го пријавува во 8:35, а на социјалните мрежи пишува речиси 4 часа подоцна.

Според верзијата на МВР, Вања била убиена околу 10 часот, а имаат и снимка од бензинска станица на која што се гледа како осомничените купуваат бензин. Кога е направена оваа снимка МВР не открива, но фактот дека автомобилот гори во 9 ипол јасно кажува дека горивото мора да било купено претходно, што е уште една индиција дека убијците воопшто не делувале во паника туку имале добро разработен план.

Зошто ја избрале Вања, зошто ја убиле за 1 час откако ја киднапирале ако сакале да бараат откуп и зошто никогаш не го побарале. Како е можно возило на исчезнато лице да се движи по улиците а полицијата да не го најде речиси една недела, и тоа во време кога поради самитот на ОБСЕ безбедноста беше на највисоко ниво.. Сите овие прашања до овој момент немаат одговор од надлежните.

Министерот Спасовски и денеска не беше расположен да открие повеќе детали од она што го кажа на прес конференцијата во Oбвинителството.

За убиството на Вања до овој момент се осомничени вкупно 6 лица, а со уште едно полицијата се уште работи. Организатор и директен извршител според Обвинителството е Љупчо Палевски кој завчера беше уапсен во Турција.