Следната недела ќе се носат мерки за намалување на цените
Да не се замрзнуваат маржите на над илјада производи, туку да се направи листа од стотина продукти кои најчесто се користат и нивните цени да се намалат во договор со производителите и дистрибутерите – ова е барањето на новоформираната комора на трговци кое денеска го предложиле во Министерството за економија.
„За секојдневните производи, нека бидат 50, 100. Еве ние викаме ќе ставиме и 200 производи. Меѓутоа, да имаат реално намалување, во договор со добавувачите и производителите, да направиме реално намалување каде што стварно ќе се гледа дека производот е намален и е достапен за крајниот купувач“ – Даница Блажевска, сопственичка на маркет
На состанокот зад затворени врати, освен министерот за економија и неговиот заменик, присутни биле и претставници од комисијата за заштита на конкуренција, како и првиот човек на пазарниот инспекторат кој во обемни контроли откри високи маржи.
„Трговците и диструтерите дадоа свои предлози и забелешки кои Министерството за економија и труд дополнително ќе ги анализира. На состанокот беше договорено конечната одлука да се донесе во текот на следната недела“, велат од Министерството за економија.
Од СДСМ обвинија дека власта е неспособна.
„Заканите од трговците за отпуштање на 5000 работници се директна последица на неспособноста на Владата на ВМРО-ДПМНЕ да води економска политика која ќе ги заштити граѓаните, но и ќе обезбеди стабилност за работниците и компаниите. Така е кога Мицкоски наместо да биде лидер, глуми набљудувач во државата која ја води“ - Методија Илиевски, потпретседател на СДСМ
Државна статистика пресмета дека трошоците за живот во јануари годинава во споредба со лани се зголемени за речиси 5%. За една година најмногу поскапеле безалкохолните пијалоци, кафето, зеленчукот, маслото, млечните производи.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар