Скапите станови го менуваат пазарот за закупи
Во Скопје, Тетово, Штип и Битола се бележи пораст на цените за изнајмување на станови, особено во централните градски подрачја. Во некои делови на Скопје годинава цените пораснале за 10 до 15 проценти, информираат во изјава за МИА од Групацијата на агенции на недвижности при Стопанската комора на Северна Македонија.
Побарувачката за недвижности, како што посочуваат, останува стабилна, особено во урбаните центри како Скопје, Штип, Битола и Охрид, што дополнително придонесува за растот на цените. Во последниот период иако зголемувањето е благо и постепено, нагласуваат, сепак не застанува.
По постојаниот раст на цените на становите, јавноста ги очекува најавените мерки за поповолни услови при купување прв стан, како и одлуката дали ќе остане повластената стапка на данок на додадена вредност (ДДВ) од 5 отсто. Паралелно со ваквите состојби, Државниот завод за статистика, вчера објави дека во јули годинава се издадени 401 одобрение за градење, од коишто 228 се наменети за објекти од високоградба.
-Од почетокот на 2025 година, пазарот на недвижности во Македонија, особено во делот на закупите, покажува неколку значајни трендови и промени во споредба со претходната година. Младите професионалци и нововенчани парови се ориентираат кон изнајмување на домови најмногу поради високите трошоци за купување сопствен дом и заблудата дека можеби во иднина ќе паднат цените на недвижностите. Исто така трендот на можност на преселба кон други земји им дава поголема слобода во изборот каде ќе живаат и поради тоа дел од младите иако имаат можности не инвестираат во купување на стан. Ова значително ја зголемува конкуренцијата на пазарот за закуп, велат од Групацијата на агенции на недвижности.
Приносот од инвестиција во стан како закуп 4,8 проценти годишно, атрактивни и Чаир, Сарај и Гази Баба.
Нивните анализи покажуваат дека во Скопје, Тетово, Штип и Битола има пораст на цените за изнајмување, особено во централните градски подрачја, за разлика од минатата година, кога, како што велат, закупните цени беа релативно стабилни, но со ограничена понуда на квалитетни станови.
Годинава во некои делови од Скопје поради економски притисоци и урбанизација, цените пораснале за околу 10–15 проценти. Предградијата како Чаир, Сарај и Гази Баба, пак, бележат раст на закупи поради зголемено присуство на турски државјани кои студираат во нашата земја.
Евиденцијата на Групацијата покажува дека и натаму најпопуларни населби за закуп на станови во Скопје се Центар, Дебар Маало, Карпош, Аеродром и Водно.
-Центарот е популарен бидејќи е срцето на градот, со пешачки пристап до плоштад Македонија, музеи, театри и кафулиња и многу атрактиен за дневно издавање на гости од странство, млади вработени лица и дипломати. Карпош е популарен заради зелените површини, техничките факултети и близината кон Градски парк. Таму најчесто изнајмуваат семејства и студенти. Дебар Маало е секогаш најактуелен и со повисоки закупнини заради боемската атмосвера и културниот живот. Таму целанта група се љубителите на ноќен живот. Водно е престиж и прилика да се дише почист воздух. Таму под закуп имаме бизнисмени и дипломати, споделуваат од коморското тело.
Најголема побарувачка има на станови, особено новоградби и станови со две-три спални. Куќи се бараат во приградските населби и туристички места, но побарувачката е помала од онаа за станови. За деловни објекти, пак, има стабилна побарувачка неколку години во централните делови на Скопје, особено за дуќани, канцеларии и магацини, но се бараат локации со висок фреквентен сообраќај и пешачки зони.
Групацијата споделува дека според Заводот за статистика во првиот квартал на оваа година од пријавените закупи за 2025 години има околу 640 закупи на станови со вредност од 160.000 евра и просечна вредност по закуп од околу 250 евра месечно.
За закуп на куќи, пак, имаат 256 договори, со вредност од околу 79.000 евра. Во споредба со претходната година, има намалување за 11 проценти во бројот на закупи. Приносот од инвестиција во стан, како закуп, е околу 4,8 проценти годишно, што, посочуваат, е релативно слаб поврат за инвеститорите.
Се очекуваат мерки за ублажување на растот на цените на недвижностите.
Народната банка регистрираше годишен раст на цените на становите во Скопје од 22,3 проценти во вториот квартал годинава, по 19,4 проценти во првиот квартал. Овие податоци се продолжение на регистрираните поскапувања во претходните неколку години.
Континуираниот тренд на зголемување на цените на недвижностите, кој се забележува во последните години, појаснуваат од Групацијата, е резултат на неколку фактори, меѓу кои најзначајна улога игра инфлацијата. Како што трошоците за градежни материјали, работна сила и енергија растат, така се зголемува и крајната цена на становите и куќите.
-Дополнително побарувачката за недвижности останува стабилна, особено во урбаните центри како Скопје, Штип, Битола и Охрид, што дополнително придонесува за растот на цените. Во последниот период иако зголемувањето е благо и постепено, сепак не застанува. Паниката која се прошири меѓу граѓаните за раст во 2026 година заради зголемување на ДДВ, кај новоградбите не предизвика голема промена, бидејќи согласно најавите од надлежните државни институции, се очекуваат повеќе мерки во следниот период за ублажување на растот на цените, објаснуваат од Групацијата.
Народната банка најави дека наскоро ќе бидат објавени мерки со коишто ќе се обезбедат поповолни услови за кредит за оние кои првпат купуваат стан за живеење. Лицата кои ќе сакаат да купат стан за живеење и кои првпат ќе аплицираат за кредит ќе имаат поповолни услови од оние кои купуваат стан за други намени.
Министерството за финансии, пак, анализира дали ќе остане повластената стапка на данок на додадена вредност (ДДВ) од 5 отсто при првиот промет со станбени згради и станови. Мерката завршува на крајот на годинава и доколку не продолжи данокот што ќе се наплаќа ќе изнесува 18 проценти.
Во однос на повластената стапка за купување нов дом, неодамна ресорната министерка Димитриеска Кочоска истакна дека не е потребно дополнително оптоварување на граѓаните.
-Се уште анализираме, ќе излеземе со конечна одлука, сметам дека не ни треба дополнително оптоварување на граѓаните, буџетот е таков каков што е, собирањето на приходите е во добра насока, се е како што си било планирано, така што на расходна страна исто така многу се внимава, а од друга страна оосбено оние млади лица дали самостојно коишто купуваат станови или пак кога ќе влезат во брачна заедница со брачниот партнер, сметам дека во моментот не е потребно дополнително оптоварување нивно, рече Димитриеска Кочоска во телевизиско интервју.
Според извештајот на британската осигурителна компанија „William Russell“, нашата земја е рангирана на трето место во Европа за инвестирање во недвижности, веднаш зад Молдавија и Литванија.
Оваа бројка, оценуваат од Групацијата, е реална и оправдана од културолошките навики на нашите граѓани да веруваат дека вложувањето во недвижности е најстабилно и без ризик, како и желбата на граѓаните и воопшто државјаните на нашата држава себе-реализацијата да ја доживуваат најмногу кога ќе купат стан за своето дете.
Банките нудат постојани промоции и лесни процедури за кредитирање, а нашиот народ е коректен во следење на вакви процедури и дисциплиниран во плаќање.
Нова регулатива за справување со нелојалната конкуренција.
За справување со долгогодишниот проблем со нелегалната кокурнција присутна и на пазарот на недвижности неопходно е да се донесат нови регулативи за условите, начинот на работа и стандардите кои ќе треба да ги исполнуваат агенциите за недвижности. од Групацијата на агенции на недвижности најавуваат повеќе активности на ова поле во следниот период.
-Потребата и желбата да се доближиме до европските легислативи е созреана за да Групацијата со поддршка од законодавната власт донесе низа регулативи кои ќе оневозможат работа на нелојалната конкуренција. Таа не само што е штетна во поглед на прикривање на приходи и даноци, многу влијае во неможноста реално да се спречи наддавањето на цени од Х партиципиенти, учесници во играва. Во план е да се донесе закон за недвижности во кој ќе бидат регулирани условите, начинот на работа и стандардите кои ќе треба да ги исполнуваат агенциите за недвижности. Лиценцирањето на агентите строго ќе ја професионализира дејноста и пазарот ќе има непроценлива добивка од секој аспект. Патот не е нов, ниту треба да измислиме нови равенки, само треба да го срочиме и донесеме законот за недвижности кој ќе одговара на останатите регулативи и да се обезбедат стручни лица и институциите да се погрижат за негово имплементирање. Државата секако ќе има корист, но најмногу граѓаните бидејќи ќе имаат заштита и можност да работат исклучиво со професионалци, а не сами да лутаат низ процесот, велат од Групацијата за недвижности.
Според најавите од Агенцијата за катастар на недвижности (АКН) на крајот на месецов ќе профункционира Регистарот на цени и закупнини. Последните податоци што ги сподели АКН на својата веб страница за првиот квартал годинава, покажуваат дека во базата на Регистарот на цени и закупнини се внесени 8.044 трансакции, од кои 5.717 купопродажби и 2.327 закупи на недвижен имот.
Издадените 401 одобрение во јули годинава се за 7.2 проценти повеќе во однос на истиот месец од претходната година. Најголемиот дел од дозволите, 228, се за високоградба, а предвидена е изградба на 667 станови. Од 213-те одобренија за градење во јуни годинава, 120 биле наменети за објекти од високоградба, со 260 станови.
МИА
Ново на Сител
-
Лавров: Израелскиот напад врз Катар ја дестабилизира ситуацијата на Блискиот Исток
-
Владата на Словенија му забрани на Додик влез во земјата
-
Кривична пријава против двајца скопјани, одгледувале канабис во нивните дворови | ФОТО
-
Мицкоски: Убеден сум дека Фетаи ќе се извини, се труди да го научи македонскиот јазик
-
Туск со предупредување до Полјаците: Не подлегнувајте на руски дезинформации
-
Кремљ веќе нема да коментира за упадот на беспилотните летала во Полска
-
Кинез починал на лице место во фабрика во Кавадарци откако бил удрен од кран
-
Обвинение против три лица за дивите депонии во Вардариште