Балкан
17. November 2015 - 16:53

Скандал во затворот во Пула: Момче изгоре живо во самица

Затвореник на возраст од 25 години изгоре во пожар во самица од пулскиот затвор и тоа само две месеци пред да биде пуштен на слобода.

На новинарско прашање како можело тоа да се случи во најбезбедниот затвор во Хрватска, управата изјави дека околностите за пожарот се утврдуваат и прерано е да се говори за причините за пожарот. За сега нема официјална потврда дали момчето само го предизвикало пожарот или огнот избил од некои други причини.

Во 15.30 часот во затворот забележале чад од таа просторија, се обиделе да влезат, но вратата толку била загреана што еден од чуварите се здобил со изгореници на рацете. Повикана е полиција, итна помош и пожарникари, а при нивното влегување во просторијата пронајдено е безживотното тело на затвореникот.

Бидејќи самицата била обложена со материјал кој спречува самоповредување и многу брзо гори, пожарот се ширел со молскавична брзина.

Министерот за правосудство Орсат Миљениќ основаше комисија која ќе утврдува што се случило.