Македонија
11. February 2025 - 16:41

Сиљановска-Давкова: Членовите на Судски совет сами да си дадат оставка – Не се избрани да бидат скандал мајстори

Одговорни членови не би чекале во парламентот да се развива дискусија туку веднаш би си поднеле оставка по скандалите кои го тресеа Судскиот совет, смета претседателката на државата. Таа одамна посочила на овој механизам и вели ако се суди по почетокот дека 67 пратеници ја поддржале, тогаш јасен е и завршетокот на интерпелацијата. 

– Во судството, особено Судски совет како рентген мора да има голема доза на одговорност, а таа е врзана со етиката. Одговорни членови на Судски совет веднаш би поднеле оставка по скандалите. А тие таму се избрани не за да бидат судски скандал мајстор туку да оневозможуваат било какво скандализирање на независната судска власт. Уште чекам да бидат доблесни... 

Претседателката оцени дека многу од нив не ги исполнуваат условите предвидени со законот, напротив многу повеќе ги опишува придавката политизирани и партизирани отколку стручни и компетентни. 

– Познато е дека тој што ве бира може и да ве разреши. Ако на сето ова додадете и процентот на граѓани со доверба - Ова е апел до моралот етиката на судиите. За катарза е ова време..Поддршка од 2 проценти. Излезе и она истражување од самите судии, јас не верувам во тие податоци од 20 проценти, тоа е невозможно.

Премиерот Мицкоски за интерпелацијата на Судски совет порача дека парламентарците треба да одлучат во интерес на државата и граѓаните. 

- Очекувам парламентарците да гласаат онака како што мислат во однос на интерпелацијата. Нивниот избор е под ингеренции на самиот парламент. Сметам дека има основа за една критичка дискусија, а сепак парламентарците треба да одлучувааат според своја волја.  

Интерпелација е поднесена за претседателката на Судски совет, Весна Дамева, со 67 потписи од пратениците. По петмина пратеници се потпишале за останатите четворица членови на советот. Собранието веќе ги испратило до членовите и се очекува да одговорат во рок од десет дена. Пленарната седница се очекува да се одржи на крајот од месецот или почетокот од март.

Интерпелацијата е поднесена поради негрижа, нарушување на угледот на судиите и загрозување на довербата кај граѓаните кон правосудниот систем, а поред содржината најголем удел во сето ова имало изборот на Дамева како член а потоа и како претседател на Советот, но наведено е и нејзиното незаконско разрешување.