Македонија
21. March 2016 - 14:01

Штипски „Исар“ со видео надзор ќе ја зголеми безбедноста на своите објекти

Штипското комунално претпријатие „Исар“ ќе ја зголемува безбедноста на своите објекти. Директорот на ЈП „Исар“-Штип, Ангел Бојаџиев денеска потпиша договор со фирмата „Бригада“ за поставување 70 камери во Филтер станицата, Градските гробишта, Градската бања „Кежовица“, Градскиот пазар и Управната зграда на „Исар“.

- Фирмата „Бригада“ за три дена треба да започне со работа, односно со монтирање на камерите и ќе бидат поставени 70 камери на сите објекти на ЈП „Исар“. Прво ќе започнеме од Филтер станицата, препумпната станица, бунарите, гробиштата, пазарот, бањата, буквално сите објекти со кои располага јавното претпријатие. Ова е се со цел граѓаните да имаат една сигурност, а исто така и ние како јавно претпријатие да имаме заштита на нашиот имот, рече Бојаџиев.

Со поставувањето на видео надзорот во објектите ќе се намали и бројот на вработени ангажирани како обезбедување, но Бојаџиев вели дека овие вработени ќе бидат распределени во работните единици Комунална хигиена и Паркови и зеленило на штипското комунално претпријатие „Исар“. Поставувањето на камерите во објектите на ова претпријатие чини околу еден милион денари.